Каракас – Државната телевизија на Венецуела објави видео со признание од Американец дека заговарал да го собори венецуелскиот претседател Николас Мадуро и да го доведе во САД. Лук Денман е еден од 13-те уапсени лица за кои Венецуела тврди дека сакале да извршат пуч. Мадуро го обвини претседателот на САД Доналд Трамп дека сака да го собори и да изврши инвазија на Венецуела. Трамп негира каква било поврзаност, додека Вашингтон најави дека ќе го искористи „секое средство“ за безбедно да ги врати дома Денман и другиот уапсен Американец, Еран Бери. Денман, бивш специјалец, откри оти бил најмен од фирмата „Силверкорп“ на воениот ветеран Џордан Гудро од Флорида да обучува Венецуелци во Колумбија, по што отишол во Каракас за да го заземе аеродром и да овозможи транспорт на Мадуро во САД. Венецуела најави оти ќе бара екстрадиција на Гудро, кој призна вмешаност. Мадуро тврди оти „Силверкорп“ потпишала договор со опозицискиот лидер Хуан Гваидо, кого САД и сојузниците го сметаат за легитимен лидер на Венецуела.

Лондон – Банката на Англија предупреди дека коронавирусот може да ја турне британската економија во најголемата рецесија досега. Банката прогнозира економски пад од дури 14 отсто ако карантинските мерки се ублажат во јуни, што е најголем пад од 1706 година. Сепак, банката очекува трајните штети од пандемијата да бидат „релативно мали“, а економијата, вработеноста и приходите постепено да се вратат на нивоата пред ковид-19.

Питсбург – Убиството во САД на кинески научник што го истражувал новиот коронавирус предизвика разни теории на заговор, иако властите тврдат нема никаква поврзаност со неговото истражување. Полицијата во САД соопшти дека Бинг Лиу (37) од Медицинската школа на Универзитетот во Питсбург бил застрелан од Хао Гу (46), кој потоа се самоубил. Полицијата вели оти се работи за случај на убиство и самоубиство, кој резултирал по „долга расправија меѓу интимни партнери“. Бинг Лиу наводно бил на работ на „значајно откритие“ поврзано со ковид-19 пред да биде убиен во својот дом.

Вишахапатнам – Најмалку 13 лица настрадаа, а стотици други се хоспитализирани по истекувањето гас во фабрика во источна Индија. Повеќето од повредените се пожалиле на печење на очите и тешко дишење. Според полицијата, небрежност е можна причина за хаваријата, која се случила во три часот по полноќ по локално време.