Берлин – Германските социјалдемократи ги повикаа САД да го повлечат своето нуклеарно оружје од Германија. Ролф Муцених, лидер на пратеничката група на социјалдемократите, изјави дека нуклеарните оружја на германската територија не ја зголемуваат, туку ја намалуваат државната безбедност. Во Германија е обновена дебатата за тоа дали земјата да остане под нуклеарниот чадор на САД, кој е присутен од 1950-тите. Аналитичарите сметаат дека е мала веројатноста САД да ги повлечат нуклеарките од Германија, но посочуваат дека тоа не е невозможно, особено ако САД најдат друга членка на НАТО што би сакала да ги прими, како на пример Полска.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп процени дека од коронавирусот ќе умрат околу 100.000 Американци и дека до крајот на годината ќе биде откриена вакцина против ковид-19, иако американските здравствени експерти прогнозираат дека вакцината ќе биде развиена за 12 до 18 месеци. Бројот на жртвите од коронавирусот во САД надмина 68.000.

Москва – Тврдењето на Вашингтон дека има докази дека Кина криела податоци за коронавирусот сведочи дека САД се на патот кон судир со Кина, оценува рускиот сенатор Алексеј Пушков. Тој вели дека судир со Кина ѝ е потребен на Белата куќа за да постигне внатрешна цел, односно победа на Трамп на претседателските избори во ноември. Претходно, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изјави оти има „големи докази“ дека новиот коронавирус излегол од лабораторија во Вухан, Кина.

Цирих – За ширењето на ковид-19 да биде ставено под контрола, луѓето ќе мора да живеат со рестриктивни мерки уште најмалку две години, смета швајцарскиот епидемиолог Матиас Егер. Тој се надева дека вакцинацијата ќе почне за една година, но нагласи дека дотогаш се можни уште многу препреки зашто засега многу малку го познаваме вирусот, па во иднина може да се појави нешто што ќе го усложни наоѓањето вакцина.

Виена – Втор бран пандемија на коронавирусот е реално сценарио, смета австрискиот канцелар Себастијан Курц. Тој посочи дека прашањето е дали државата ќе може да ја задржи ситуацијата под контрола, односно да го ограничи ширењето на заразата и брзо да ги изолира инфицираните, зашто во спротивно повторно ќе дојде од експоненцијален пораст на бројот на случаи на ковид-19.