Вашингтон – Соперничката на Доналд Трамп на претседателските избори во 2016 година, Хилари Клинтон, даде поддршка за номинацијата на демократот Џо Бајден за кандидат за претседател на изборите во САД годинава. Својата изјава таа ја даде на онлајн-средбата со Бајден одржана вчера, на која тие дискутираа за влијанието на ковид-19, особено за тоа како се одразува врз животот на жените. Клинтон, која е поранешна американска државна секретарка, истакна дека имала чест да работи со Бајден повеќе години и дека може да говори за тоа како тој ги обединува луѓето.

Лондон – Британскиот премиер Борис Џонсон и неговата свршеница Кери Симондс објавија дека станале родители на син, јави Би-би-си. Педесет и петгодишниот Џонсон и 23 години помладата Симондс во март објавија дека се свршиле на крајот на минатата година и дека во рано лето треба да добијат бебе. Џонсон пред само два дена се врати на премиерската функција откако пред повеќе од еден месец имаше позитивен тест на коронавирусот, по што една недела помина и во болница поради влошување на симптомите.

Берлин – Четири лица се повредени во напад што се случил завчера во германскиот град Ханау, но, за среќа, никој не е во животна опасност, јавува „Ројтерс“. Нападот го извршиле група мажи, кои со ножеви ги напаѓале минувачите. Полицијата засега потврдила дека нападот го извршила група што била составена од пет до седум мажи. Четворицата повредени се пренесени на клиниката во Ханау со убодни повреди. Според германските медиуми, две лица се осомничени за нападот на возраст од 23 и 29 години, а мотивот за нападот засега не е познат.

Пјонгјанг – Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун не е болен и можеби само се изолира од пандемијата на коронавирусот, сметаат некои јужнокорејски и американски официјални претставници, во најновите обиди да се објасни отсуството на севернокорејскиот лидер од јавниот живот, јавува Си-ен-ен. Како што пренесува американскиот медиум, Јонг-ун со својот приватен воз најверојатно заминал во летувалиште на источното крајбрежје, во Вонсан, за да се заштити од вирусот.