Кабул – Специјалниот претставник на САД задолжен за помирувањето во Авганистан побара од талибанците на „хуманитарна основа“ да го почитуваат прекинот на огнот за време на светиот муслимански месец Рамазан и тековната криза со коронавирус, јави РСЕ. Неговите забелешки следуваат по нападот на талибанските милитанти на првиот ден од Рамазан, 24 април, во кој загинаа најмалку 13 провладини сили во североисточната авганистанска провинција Бадгис.

Вашингтон – Расте бројот на труења по советот на американскиот претседател Доналд Трамп за инјектирање средства за дезинфекција за спречување на коронавирусот. Директорката на американскиот завод за јавно здравје на Илиноис, Нгоки Езике, изјави дека има значително зголемување на случаите на труење во последните два дена, јави Си-ен-ен. Експертите ги нарекоа неговите коментари неодговорни и опасни.

Бон – Германската полиција се судри со демонстрантите во Берлин, кои протестираат против рестриктивните мерки поради епидемијата на коронавирусот. Полиција соопшти на Твитер дека се уапсени повеќе од 100 луѓе, јавија локалните медиуми. Во земјата, како и во некои други држави, во сила се рестриктивни мерки поради сузбивање на ширењето на коронавирусот. Германскиот уставен суд во почетокот на месецот донесе одлука луѓето да имаат право да протестираат ако се придржуваат на правилата за физичка дистанца.

Рим – Во Италија на 4 мај почнува серолошко тестирање на 150.000 луѓе за да се дознае повеќе за коронавирусот, изјави вчера владиниот комесар Доменико Аркури, а пренесоа западните медиуми. Тестирањето ќе се спроведе во сите 20 региони во согласност со бројот на населението и другите критериуми на Институтот за статистика. Овие тестови ќе овозможат откривање антитела и може да укажат дали некој е имун, што засега е само хипотеза во однос на новиот коронавирус.