Берлин – Државното обвинителство на германската покраина Северна Рајна Вестфалија соопшти дека полицијата уапсила четворица Таџикистанци, под обвинение дека членувале во Исламската држава и дека планирале терористички напади во земјата. Групата планирала напади врз објекти и припадници на американската армија во Германија. Нивна цел биле и критичари на исламот.

Копенхаген – Данска е првата европска земја што повторно ги отвори своите предучилишни установи и основните училишта за децата до 11 години по рестрикциите воведени на 12 март поради ковид-19. Наставата продолжува во половина од данските општини и во 35 отсто од установите во Копенхаген, додека другите побараа повеќе време. Се очекува сите предучилишни и училишни установи да бидат отворени до 20 април.

Сеул – Јужна Кореја одржа парламентарни избори со строги мерки среде пандемијата на ковид-19. Гласачите мораа да одат на избирачките места со заштитни маски и да стојат на растојание најмалку од еден метар. Пред да гласаат им беше мерена температура, по што тие ги дезинфицираа рацете и носеа пластични ракавици за да се заштитат од вирусот. Дури потоа можеа да добијат гласачко ливче и да го пополнат и уфрлат во гласачката кутија. Гласањето им е овозможено и на лицата заразени со ковид-19.

Багдад – Ирак привремено ѝ ја одзеде лиценцата на новинската агенција Ројтерс, откако таа објави статија во која се тврди дека властите го прикриваат вистинскиот број на заразени од ковид-19. Ирачкото регулаторно тело за медиуми на три месеци му ја одзеде лиценцата на Ројтерс и ја казни со околу 21.000 долари, а побара од агенцијата и да се извини за објавената вест.

Вашингтон – Бројот на заразени од коронавирус во светот надмина два милиони, додека бројот на починати е речиси 128.000, а на излекувани речиси 492.000, покажуваа вчера податоците на „Ворлдметерс“. Според истиот извор, САД се први според бројот на заразени (над 614.000) и на починати (над 26.000).