Вашингтон – Сенаторот Берни Сандерс го поддржа својот довчерашен ривал Џо Бајден за демократски претседателски кандидат во трката за Белата куќа во ноември, против актуелниот претседател и републикански претендент Доналд Трамп. Сандерс минатата недела се откажа од претседателската трка, по што Бајден остана единствен демократски претседателски кандидат. Бившиот потпретседател на САД му заблагодари на Сандерс за поддршката.

Виена – Илјадници продавници ги отворија вратите за купувачите откако Австрија ги ублажи карантинските мерки поради коронавирусот. Во Италија, ограничен број продавници и фирми добија дозволи да отворат, но некои од најпогодените региони како Ломбардија решија да ги задржат строгите карантински мерки, стравувајќи од втор бран.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека тој, а не гувернерите на сојузните држави, ќе ја донесе конечната одлука кога да запрат карантинските мерки во САД. Тој им порача на гувернерите дека имал целосно овластување да донесе таква одлука. Неговата изјава предизвика бурни реакции кај гувернерите и кај правните експерти, бидејќи во Уставот на САД стои дека сојузните држави имаат право да одлучуваат за јавниот ред и безбедноста.

Пекинг – Кина се подготвува за евентуален втор бран од пандемијата на ковид-19 на границата со Русија, далеку од епицентарот на заразата во Вухан. Границата со Русија е затворена и во реонот се испратени итни медицински тимови да ги спречат лицата што се враќаат од странство да го рашират вирусот. Многу Кинези живеат и работат во Русија, каде што Кина има големи инвестиции, поттикнати од добрите односи меѓу Пекинг и Москва.