Мексико – Најмалку 23 лица загинаа, а 65 се хоспитализирани кога се урна мост на една метро-линија во Мексико Сити додека минуваше воз.
– За жал, има деца меѓу загинатите – изјави градоначалничката Клаудија Шинбаум.
Во меѓувреме се истражува причината за несреќата што се случи на метро-линијата 12, чија изградба беше опфатена со жалби и обвинувања за неправилности. Шинбаум рече дека спасувањето е суспендирано бидејќи структурата е многу слаба.

САД – Во седиштето на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) во Вирџинија, бил отворен оган врз вооружен напаѓач што се појавил на платото пред главниот влез на агенцијата. Напаѓачот, кој досега не бил идентификуван, бил повреден и однесен во локалната болница, а за неговата состојба сѐ уште нема информации.
– Го анализираме овој инцидент и ќе се обидеме да донесеме конкретни заклучоци што е можно поскоро – се вели во соопштението на ФБИ.

Велика Британија – Британија побара одлучна акција од партнерите на Г7 за да ги заштити демократиите од глобални закани, како што се Кина и Русија. Ова го изјави британскиот министер за надворешни работи Доминик Раaб, наведувајќи дека претседателството на Велика Британија со Г7 „е можност да се демонстрира единство во време кога е многу потребно за справување со заедничките предизвици и зголемените закани“. Рааб ќе ги води разговорите меѓу министрите за надворешни работи на Г7 за закани по демократија, слободи и човекови права на вториот ден од нивниот состанок во Лондон, дизајниран да ги постави темелите на самитот во јуни.

Колумбија – Најмалку 19 лица биле убиени, а стотици биле ранети во повеќедневните протести низ Колумбија, во кои десетици илјади граѓани излегле на улиците револтирани од нова даночна реформа со која треба да се пополни буџетската дупка предизвикана од пандемијата на ковид-19. Во неделата, колумбискиот претседател Иван Дуке соопшти дека ќе ја повлече предложената даночна реформа и Владата ќе излезе со нов план базиран на консензус. Тој сепак истакна дека реформата е неопходна.