Москва – Најмалку пет лица се повредени при експлозија на муниција во воен магацин сместен во близината на градот Мурманск, на северозападот од Русија, јавува Тасс. Според изворите на руската агенција, во магацинот имало муниција од различни калибри. Експлозијата не предизвикала пожар. Повредените се префрлени во воена болница и се надвор од животна опасност.

Кабул – Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, вчера пристигна во Авганистан, во обид да помогне во спасувањето на историскиот договор меѓу Вашингтон и Талибанците, постигнат на крајот на февруари, но нарушен од политички судири и насилство. Помпео слета во Кабул за да се состане со авганистанскиот претседател Ашраф Гани и неговиот политички ривал Абдула Абдула, кој исто така тврди дека е претседател, јавува Ројтерс.

Тел Авив – Еден палестинец е убиен додека се обидувал да нападне израелски војници со камења на Западниот Брег. Војниците пукале кон него откако тој трчал кон нив и се обидел да ги нападне нивните борбени возила. Најновиот инцидент доаѓа по тензиите во најголемото ерусалимско светилиште, каде што се наоѓа и џамијата „Ал Акса“, каде што муслиманските верници се собираат на молитва, пренесува Асошиејтед прес.

Лондон – Владата на Британија објави дека во период од најмалку шест месеци ја презема контролата врз националните железници во земјата за да се осигури дека возовите ќе продолжат да сообраќаат и за време на кризата со коронавирусот. Пандемијата веќе го намали бројот на патници за 70 отсто и ја доведе во опасност стабилноста на приватните оператори што контролираат дел од националниот железнички систем. Опозициските лабуристи веќе долго време бараат ренационализација на железницата во Британија.