Швајцарија – Швајцарците вчера на референдум гласаа за забрана за покривање на лицата во јавност, а анкетите покажуваат дека мнозинството ќе ја поддржи забраната и дека предлогот ќе стане закон. Десничарската швајцарска народна партија (СВП) водела кампања за забрана на бурката, изедначувајќи ја со екстремизам.
Референдумот ги отсликува напнатите односи на Швајцарија со исламот, откако граѓаните ја поддржаа забраната за градење нови минариња во 2009 година. Локалните забрани за покривање на лицето веќе се воведени во два кантона.

САД – Американскиот Сенат ги изгласа мерките за помош на економијата на САД погодена од ковид-19, во висина од 1,9 трилион долари, предложени од претседателот Џо Бајден.
Демократите, кои се мнозинство во Сенатот, по неколкудневни дискусии конечно усогласија делумно видоизменет пакет мерки што вклучува помал, но критичен слој на граѓани што ќе ги примаат исплатите од по 1.400 долари за човек, како и намалени неделни исплати од 300 долари за пријавените невработени лица.

Шпанија – Стотици луѓе протестираа во Барселона поради репресијата на властите за време на сузбивањето на насилните немири поради апсењето на раперот Пабло Хасел. Раперот е осуден на девет месеци затвор за поттикнување тероризам, бидејќи пофалил две изумрени вооружени групи одговорни за убиството на повеќе од 900 лица во Шпанија и одбил да плати парична казна за навреда на поранешниот шпански крал Хуан Карлос.

Ирак – Папата Франциск се сретна со еден од највисоките шиитски свештеници во светот, историска средба со што се одржа за време на првата посета на еден католички лидер на Ирак. Средбата со големиот ајатолах Али ал Систани се случи во градот Наџаф, каде што папата испрати порака за мирен соживот меѓу муслиманите и христијанското малцинство во Ирак. По средбата зад затворени врати, Ал Систани издаде соопштение во кое вели дека ирачките христијани треба да живеат во мир и да ги уживаат истите права со преостанатите Ирачани.