Багдат – Најмалку десет ракети беа испукани вчера врз воена база во западен Ирак, во која се трупите на меѓународната антитерористичка коалиција што ги предводат САД, изјави портпаролот на коалицијата полковникот Вејн Марото. Тој наведе дека ракетите вчера утрината ја погодиле воздухопловната база Ан ел Асад во провинцијата Анбар. Засега нема извештаи за можни жртви.

Вашингтон – Новата американска администрација сака да ѝ помогне на ЕУ побрзо да ги премести трупите и опремата низ цела Европа за да се справи со потенцијален конфликт со Русија. Масовните руски воени игри на источното крило на воениот сојуз НАТО во последниве години предизвикаа загриженост за потенцијален конфликт случајно активиран во источна Европа, пред да пристигнат засилувањата од САД и од Канада. Европски воен извор изјави дека САД, Канада и Норвешка, сите членки на НАТО надвор од ЕУ, минатата недела испратиле барање за учество во европски проект наречен „Воен шенген“.

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел ќе разговара со претставници на 16-те германски сојузни држави за продолжување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Германија, како што се најавува, планира да ја продолжи блокадата до 28 март, но некои ограничувања ќе бидат ублажени почнувајќи од 8 март. Бројот на заразени со коронавирус во Германија достигна над 2,4 милиони.

Амстердам – Холандската полиција вчера соопшти дека центарот за тестирање на коронавирусот северно од Амстердам, наводно, намерно бил цел на напад. Имало експлозија на местото пред да се отвори центарот за тестирање, јави „Ројтерс“. Експлозијата во градот Бовенкарспел, 55 километри северно од главниот град, скрши прозорци и, за среќа, нема повредени луѓе, се вели во соопштението на полицијата од провинцијата Северна Холандија.