Будимпешта – Унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе ја повлече својата партија Фидес од Европската народна партија (ЕПП) во ЕП доколку конзервативниот блок ги одобри новите внатрешни правила оваа недела. Орбан го постави ултиматумот во писмо до Манфред Вебер, германскиот политичар што го предводи конзервативниот блок ЕПП, најголемата фракција во ЕП. Парламентарната група на ЕПП, во која членуваат конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел, веќе со години се бори со Фидес, кој е суспендиран од ЕПП од 2018 година.

Њујорк – Испитувањата на вакцината што ја разви лабораторијата на „Модерна“ против јужноафриканскиот вид ќе започнат во средината на март во САД, изјави Ентони Фаучи, водечки имунолог во Америка. Засега нема да се проучува ефикасноста, туку само безбедноста и имуногеноста на производот, односно неговата способност да предизвика реакција на имунитетот, прецизира Фаучи, додавајќи дека првата фаза ќе се спроведе кај мал број луѓе.

Кишињев – Молдавија ја прими првата пратка вакцини против ковид-19 од „Астра Зенека“. Пратката ја испрати Романија, со што ѝ се овозможи на една од најсиромашните европски земји да ја започне вакцинацијата следната недела. Молдавија ја поздрави донацијата потребна за нејзините 3,5 милиони жители, која доаѓа во екот на „борбата“ за пристап до вакцините.

Вашингтон – Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се врати на политичката сцена на 28 февруари, првпат откако ја напушти функцијата, обидувајќи се да го зацврсти својот статус како неопходен лидер на Републиканската партија. Во својот прв голем говор откако претседателот Џо Бајден стапи на должноста во јануари, Трамп навести можна кандидатура за претседател повторно во 2024 година и ги демантира гласините дека планира да формира трета партија.