Ереван – Ерменскиот премиер Никол Пашинијан предупреди на обид за воен удар против него, откако армијата преку соопштение побара оставка од него и од неговата влада. Пашинијан се соочи со протести и повици за оставка по, како што велат неговите критичари, погубното справување со шестнеделниот конфликт меѓу Азербејџан и етничките ерменски сили во регионот на Нагорно Карабах минатата година.

Вашингтон – Претседателот на САД, Џо Бајден, го поништи прогласот издаден од поранешниот претседател Доналд Трамп, со кој се блокира влегувањето на многу апликанти за зелени картони во САД. Трамп ја издаде забраната минатата година, велејќи дека е неопходно да се заштитат американските работници во услови на голема невработеност поради пандемијата на коронавирусот. Забраната првично требаше да трае до крајот на 2020 година, но Трамп ја продолжи до крајот на март во последните недели од неговиот мандат

Брисел – Почнува дводневниот видеосамит на ЕУ. Членовите на Европскиот совет денеска и утре ќе се состанат преку видеоконференција за да разговараат за моменталната состојба на пандемијата на ковид-19, безбедноста и односите со јужното соседство на Унијата. Лидерите на ЕУ ќе го координираат одговорот на пандемијата, фокусирајќи се особено врз одобрување, производство и дистрибуција на вакцини и движење на лица, јави АП.

Тел Авив – Израелскиот парламент усвои контроверзен закон што му овозможува на Министерството за здравство да им обезбеди на локалните власти информации за жители што сè уште не биле вакцинирани против коронавирусот. Врз основа на тој закон во период од три месеци, министерството ќе може да им обезбеди на локалните власти лични информации, како и информации за тоа како може да се контактира со граѓаните за да се промовира имунизацијата.