Амстердам – Во неколку града во Холандија, повторно избувнаа судири меѓу полицијата и демонстрантите, откако минатиот викенд во таа земја беше воведен полициски час поради коронавирусот. Полицијата употреби водни топови против група демонстранти во Ротердам. Немири избувнаа и во мал град на југот на земјата недалеку од Мастрихт, објавија холандските медиуми. Најмногу настрада градот Ајндховен, каде што полицијата се судри со стотици демонстранти, палејќи едно возило, фрлајќи камења и пиротехнички средства кон полицијата.

Рим – Италијанскиот премиер Џузепе Конте деновиве ќе му ја предаде оставката на шефот на државата, во надеж дека ќе добие мандат за формирање нова влада. Со оставката, Конте сака да избегне ризично гласање во парламентот оваа недела за спорниот извештај за правосудниот систем и да добие повеќе време за да ги убеди центристичките и независните пратеници да преминат во редовите на Владата откако минатата недела го загуби мнозинството во Сенатот.

Москва – Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф отпатува во Москва на еднодневна посета кај својот руски колега Сергеј Лавров. Според руското министерство за надворешни работи, на средбата се очекува двајцата министри да ја продолжат размената на ставови за меѓународни прашања, вклучувајќи ја ситуацијата за регионот Нагорно Карабах, договорот за иранската нуклеарна програма и ситуацијата во Сирија, Авганистан и за регионот на Персискиот Залив.

Вашингтон – Одделението на американскиот Сенат за надворешни работи ја одобри номинацијата на Ентони Блинкен за државен секретар, откако американскиот претседател Џо Бајден го предложи за таа должност. Со ваквата одлука е отворен патот Блинкен да биде изгласан во Сенатот оваа недела и официјално како нов државен секретар. Пред Блинкен, на позицијата државен секретар на САД беше Мајк Помпео од редовите на републиканците.