Вашингтон – Кандидатот за претседател на демократите, Џо Бајден, го зголеми водството во однос на ривалот Берни Сандерс, по уверливите победи на внатрепартиските избори во сојузните држави Флорида, Илиноис и Аризона. По тројниот триумф, бившиот потпретседател на САД директно им се обрати на поддржувачите на Сандерс и побара поддршка за да ја добие номинацијата на демократите. Бајден во моментот има обезбедено 1.147 делегати од потребните 1.991, додека Сандерс има 861. Победникот ќе се соочи со Доналд Трамп во ноемвриската трка за Белата куќа.

Пекинг – Најмалку 13 американски новинари се очекува да бидат протерани од Кина како одговор на ограничувањата на Вашингтон за кинеските медиуми што известуваат од САД. Кина ќе им ги укине акредитациите на новинарите, кои ќе мора да ја напуштат земјата бидејќи визите им се издадени врз основа на акредитациите.

Техеран – Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Иран одговорил и дека и во иднина ќе одговара за убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани во напад на американски дронови во јануари во Ирак. САД, пак, воведоа нови економски санкции против Иран, продолжувајќи ја строгата политика по едностраното повлекување од иранскиот нуклеарен договор.

Прага – Чешките власти заплениле речиси 700.000 заштитни маски од компанија што ја зголемила цената, во момент кога земјата се соочува со недостиг од заштитна опрема во борбата против коронавирусот. Чешките власти порачаа дека ќе продолжат да се борат против профитерите за време на пандемијата.

Пекинг – Градот Вухан, првичното жариште на пандемијата на коронавирусот, регистрирал само еден нов случај на зараза. Уште 12 други случаи на заразени се забележани во цела Кина, сите меѓу луѓе што пристигнале од странство, а регистрирани се и уште 11 жртви. Кинеските власти сметаат дека пандемијата го достигнала својот врв во земјата.

Токио – Јапонските медиуми јавија дека починал Јапонецот, кој намерно ширел коронавирус откако се заразил со опасната болест. Мажот починал на 57-годишна возраст во болница. Лекарите месецов му дијагностицирале ковид-19 и му препорачале самоизолација, но тој наводно влегол во два бара и ги известил роднините, кои исто така биле заболени од заразната болест, дека „оди да шири коронавирус“.