Њујорк – Новиот вид коронавирус, кој првпат беше забележан во В. Британија, продолжува да се шири и минатата недела бил присутен во 60 земји и територии, соопшти СЗО. Тоа е за 10 земји повеќе отколку на 12 јануари, наведува СЗО во својот неделен епидемиолошки преглед. Варијантата на коронавирусот од Јужна Африка, која како и британската е позаразна од оригиналниот САРС-КоВ-2, се шири побавно и засега е присутна во 23 земји и територии, што е за три повеќе во однос на 12 јануари.

Кабул – Најмалку дваесетина луѓе загинаа во Авганистан во новиот бран насилство што се случи изминатово деноноќие, додека во Катар се во тек мировни разговори меѓу Владата и талибански милитанти. Министерството за одбрана објави дека биле убиени четворица авганистански војници при напади на талибанци врз контролни пунктови во северната провинција Кундуз.

Вашингтон – „Фејсбук“ соопшти дека почнал процес на назначување правен застапник во Турција со намера оваа социјална мрежа да се усогласи со контроверзниот закон за социјални мрежи, што Анкара го донесе во јули минатата година. Според законот, компаниите, како „Фејсбук“ и „Твитер“, треба да назначат свои претставници за решавање на поплаките за содржината на нивните платформи. Доколку одбијат, социјалните мрежи се соочуваат со казни и можност за намалување на нивната брзина на интернетот.

Москва – Кремљ во целост ги отфрли повиците на Западот за ослободување на опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој беше уапсен по враќањето во Русија од Германија по третманот за труење со нервен агенс. Москва го нарече неговиот случај „апсолутно внатрешна работа“. Навални за своето труење ја обвинува владата на претседателот Владимир Путин, која го негира тоа.