Пекинг – Експертски тим на Светската здравствена организација (СЗО) пристигна во Кина, за да ја почне долгоочекуваната истрага за потеклото на коронавирусот. Кинеските државни медиуми јавија за доаѓањето на десет експерти во Вухан, додавајќи оти тие ќе останат еден месец во градот каде што коронавирусот првпат беше детектиран кон крајот на 2019 година. Експертите се од САД, Австралија, Германија, Јапонија, Британија, Русија, Холандија, Катар и од Виетнам.

Стокхолм – Во Шведска расте поддршката за влегување на таа земја во воениот пакт НАТО, а бројот на поддржувачи речиси се изедначи со поборниците за задржување на традиционалната воена неутралност, покажува најновото истражување на јавното мислење спроведено во декември. Во анкетата речиси 33 отсто од учесниците се изјасниле за влез на Шведска во НАТО, во однос на 35 што биле против и речиси ист процент анкетирани што биле неодлучни, пренесува бриселскиот портал „Еурактив“.

Москва – Рускиот претседател Владимир Путин нареди идната недела да почне масовната вакцинација и здравствените власти да ја отворат програмата за вакцинација за сите Руси. Путин на владиниот состанок навел дека треба да биде подготвена соодветна инфраструктура за да се зајакне производството на вакцината „спутник 5“. Русија, која е на четврто место во светот по бројот на заразени од ковид -19, го започна процесот на вакцинација минатиот месец.

Рим – Стотици наводни членови на најмоќната италијанска мафија станаа дел од најголемиот судски процес за организиран криминал во земјата во изминативе 30 години. Како што јави Раи уно ,почнува судскиот процес против 355 осомничени членови на таканаречениот криминален синдикат во кои се вмешани политичари, адвокати и бизнисмени во јужниот регион Калабрија. Осомничените се соочуваат со обвиненија за убиства, трговија со дрога, изнуда и перење пари. На листата на сведоци се наведени околу 900 луѓе.