САД – Американскиот потпретседател Мајк Пенс ќе присуствува на свеченоста за инаугурација на Џо Бајден, објавија неколку американски медиуми. Односите меѓу Доналд Трамп и Пенс се затегнати од средата, кога Пенс официјално ја објави победата на Бајден во Конгресот. Толпа екстремни десничари упаднаа во Капитол, а во немирите, за кои многумина сметаат дека биле поттикнати од говорот на Трамп, загинаа пет лица.

Индонезија – Обилните дождови и невремето на западот на Индонезија предизвикаа лизгања на земјиште, кои однесоа 11 човечки животи, а повредени се уште 18. Претседателот Џокоо Видодо ги предупреди граѓаните уште минатиот октомври на можноста од метеоролошкиот феномен Ниња, кој може да донесе лоши временски услови што може да предизвикаат поплави. Ниња е следен со необично ниски температури на воздухот во екваторијалниот појас на Тихи Океан.

Русија – Седум лица загинаа завчера во пожарот во еден старски дом во Сибир, соопштија локалните власти. Пожарот се случил во приватен дом за стари лица во западен Сибир, а полицијата го приведе сопственикот на домот поради обвинение за кршење на безбедносните прописи. Локалните власти соопштија дека објектот во кој се случила несреќата не бил регистриран за таа намена.