Лондон – Постојат веродостојни докази дека цивили се убиени во воздушните напади на британските сили против припадници на Исламска држава (ИСИС) во Ирак и во Сирија, соопшти американската армија. Британија ги негира американските наводи дека нејзини сили убиле цивили во воздушните напади против ИСИС. Податоците покажуваат дека британските летала за пет години истрелале речиси 4.500 проектили и бомби против цели на ИСИС.

Париз – Првиот круг од локалните избори во Франција се одржа со рекордно низок одзив поради стравот од коронавирусот, поради што опозициските политичари го повикаа претседателот Емануел Макрон да се продолжи втората рунда, закажана за наредната недела. Само 45,5 отсто од гласачите излегоа на избори. Резултатите од првата рунда покажуваат дека партијата на Макрон имаше лош изборен ден, додека Париз се очекува да остане во рацете на социјалистите.

Ерусалим – Бени Ганц, главниот политички ривал на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, доби мандат од претседателот за да формира нова влада на Израел. Ганц добил поддршка од 61 од вкупно 120 пратеници во парламентот.

Токио – Јапонски суд му изрече смртна казна со бесење на поранешниот вработен со старски дом што со нож уби 19 лица и повреди повеќе други во најтешкиот напад во земјата. Судот го осуди Сатоши Уематсу (30) за убиство и повреда на 24 штитеници и негуватели на домот во јули 2016 година.

Вашингтон – Фаворитот за претседателски кандидат на демократите Џо Бајден вети дека ќе избере жена за кандидат за потпретседателското место и оти заедно со неа ќе му се спротивстави на Доналд Трамп во трката за Белата куќа во ноември. Голем број жени имаат квалитети да станат претседатели во иднина. Јас ќе определам жена за потпретседател, рече Бајден на ТВ-дебата со неговиот демократски ривал Берни Сандерс. И Сандерс изјави дека и тој најверојатно ќе избере жена за кандидат за потпретседател.