Mеридијани

55

Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп, продолжува да го брани своето справување со пандемијата, која им наштети на економијата и милиони невработени. На митингот што се одржа во пензионерската заедница во централна Флорида, Трамп им вети на приврзаниците дека пандемијата на коронавирус ќе заврши наскоро и го обвини Бајден за преувеличување на здравствената криза за да ги исплаши Американците да не гласаат за него. Бајден, пак, во својот дом во Делавер, се осврна на пропустите на претседателот Трамп во справувањето со пандемијата на коронавирусот, која стана доминантно прашање во кампањата.

Париз – Франција го повика на консултации својот амбасадор во Турција, откако турскиот претседател Теџеп Таип Ердоган го навреди неговиот француски колега Емануел Макрон. Ердоган рече дека Макрон треба да си го провери менталното здравје, откако тој вети дека ќе ги брани секуларните вредности и ќе се бори против радикалниот исламизам. Макрон говореше за овие теми откако француски учител беше обезглавен затоа што на учениците им покажувал карикатури од пророкот Мухамед.

Нигер – Началникот на нигериската полиција викендов нареди мобилизација на сите сили и ресурси за да се стават под контрола уличните протести, најголеми во последните две децении. Како што пренесуваат западните медиуми, протестите против полициската бруталност претставуваат најголема политичка криза со која се соочува претседателот Мухамаду Бухари, поранешен воен лидер, избран за претседател на Нигерија во 2015 година. Како одговор на насилството и грабежите, нигериските власти неодамна воведоа полициски час за милиони луѓе во последните неколку дена.

Кабул – Најмалку 18 лица загинаа, а 57 се ранети во самоубиствен бомбашки напад надвор од едукативен центар во главниот град на Авганистан, Кабул. Министерот за внатрешни работи Тарик Араин кажа дека експлозијата се случила во саботата попладне, на приватен имот, каде што се одржуваат курсеви за студенти од повисокото образование. Вообичаено во тој дел има стотици студенти. Сѐ уште не е познато кој стои зад нападот, бидејќи Талибанците ја негираа одговорноста.