Mеридијани

33

Канарски Острови – Џиновска песочна бура од Сахара ги прекри Канарските Острови, целосно прекинувајќи го авионскиот сообраќај на островот, но и нарушувајќи го животот на населението. За време на викендот сите летови кон и од Канарските Острови беа суспендирани или пренасочени. На островите е прогласена вонредна состојба, а на граѓаните им се советува да останат дома, да ги затворат прозорците и да не патуваат. Силниот ветер, кој на моменти достигнувал брзина и до 120 километри на час, на островите донел големо количество песок, што го собрал од Сахара, оддалечена околу 500 километри.

Њу Делхи – Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека лично би го потпишал мировниот договор со талибанците, доколку преговорите за прекин на 18-годишната војна во Авганистан бидат успешни. Неговиот коментар доаѓа по делумното примирје, кое викендов стапи во сила во Авганистан, откако САД и талибанците се согласија на еднонеделно „намалување на насилството“. Примирјето треба да создаде услови Вашингтон и талибанците да потпишат договор на 29 февруари во Доха, што ќе отвори пат за повлекување на илјадници американски војници по повеќе од 18 години војна во Авганистан.

Стокхолм – Пратениците во Шведска имаат право на канцелариски простор од седум квадратни метри, мали станови за службени лица и строги лимити за користење пари од даночните обврзници во текот на парламентарните активности. Шведските народни избраници немаат дополнителни привилегии како парламентарците од други земји, како на пример буџет за чартер-авиони, финансиска помош за изнајмување стан, лични советници или здравствени трошоци, средства за публикација на мандатот, вклучувајќи и платена грижа за деца. Покрај тоа, пратеничкиот имунитет е концепт што не постои во Шведска.

Триполи – Од главниот град на Либија, Триполи, се евакуирани 3.000 камили, по ракетниот напад врз градското пристаниште, кој беше спроведен минатиот вторник. Камилите биле изнесени од Триполи кратко по полноќ во средата и пеш по автопат дошле до градот Завија, на околу 45 километри западно од Триполи во четвртокот наутро. Очевидци изјавиле дека локална вооружена група украла 125 камили додека минувале во предградие на Триполи.