Mеридијани

29

Отава – Границата меѓу Канада и САД ќе остане затворена до 21 ноември за патувања што не се многу потребни, за да се спречи ширењето на коронавирусот, соопшти канадското министерство за јавна безбедност. Границите на САД со двете земји партнери за слободна трговија, Канада и Мексико, се затворени од март, а оттогаш мерката се продолжува секој месец. Границата е отворена само за трговија со стоки, како и за патувања што се сметаат за неопходни.

Вашингтон – Министерството за правда на Соединетите Американски Држави обвини шест актуелни и поранешни руски воени разузнавачи дека во хакерски напади се обиделе да внесат хаос во процесот на француските избори, во Зимските олимписки игри и во американски болници и компании. Според извештаите, руските воени разузнавачи се обвинети за напади врз интегритетот на изборите во САД, иако се дел од истата единица на службата ГРУ, за која американските обвинители тврдат дека се обидувала да влијае врз претседателските избори во 2016 година во таа земја.

Даблин – Ирска е првата европска земја што објави дека се враќа во целосна блокада за да се запре ширењето на коронавирусот, а целата нација повторно ќе биде затворена во период од шест недели. Премиерот на Ирска, Мајкл Мартин, го објави ова во понеделникот вечер, а блокадата стапи во сила од вчера на полноќ. Мерките што ќе стапат во сила од полноќ се едни од најстрогите во Европа и вклучуваат затворање на малопродажните објекти, освен за основните потреби.

Нагорно Карабах – Се чини дека е загрозен последниот усогласен договор за прекин на огнот во отцепениот регион Нагорно Карабах, откако етничките ерменски сили и азербејџанските воени сили почнаа да се обвинуваат меѓусебно за прекршување на договорот и ново гранатирање, јавуваат од ерменските и азербејџански новински сервиси на РСЕ. Примирјето што беше објавено на 17 октомври беше втор обид за воспоставување прекин на огнот, откако избувнаа жестоки борби во регионот на 27 септември.