Mеридијани

31

Tокио – Рекордни 96.000 јапонски домаќинства добија државни субвенции од април до август за да можат да ја плаќаат наемнината во економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Бројката опфаќа пет месеци и е 2,6 пати повисока отколку во целата фискална 2010 година во Јапонија, јави „Кјодо њуз“, повикувајќи се на извештај на Министерството за здравство, труд и социјала. Програмата првично беше наменета за работници што останаа без работа, а Владата ги олесни условите во април за да им помогне на другите луѓе со намалени приходи поради падот на економија во пандемијата.

Бишкек – Киргистанскиот претседател, Соронбаи Јенбеков, поднесе оставка по масовните протести против официјалните резултати на парламентарните избори, кои им ја дадоа победата на партиите поврзани со него и неговата влада. Во официјалното соопштение на 15 октомври, Јенбеков вели дека решил да поднесе оставка „затоа што мирот и единството во нашата земја се поважни од секоја функција“.

Вашингтон – Минатиот септември бил најтопол месец од почетокот на мерењата на температурите во 1.880 година, објави американската Управа за океани и атмосфера. Како што соопшти управата, просечната температура над површината на земјата и површината на океанот минатиот месец била за 0,97 степени повисока од просекот на 20 век, кој изнесува 15 степени. Според западните медиуми, септември 2020 година за 0,2 степени ги надмина досега рекордните исти месеци од 2015 и 2016 година. Според американската институција, минатиот месец особено било топло во земјите од Европа, Азија и Јужна Америка.

Париз – Француската полиција вчера изврши претрес во домовите на поранешниот премиер, сегашни и поранешни министри за здравство и други високи функционери. Станува збор за истрага поради поплаки за реакцијата на Владата на глобалната пандемија на коронавирус. Француското министерство за здравство ги потврди претресите, во кои беа вклучени и канцелариите на сегашниот министер за здравство, Оливие Веран, пренесува АП.