Mеридијани

60

Русија – Од 300 доброволци вакцинирани за време на испитувањата по регистрацијата на руската вакцина против ковид-19, наречена „спутник V“, само околу 14 проценти пријавиле замор, болки во мускулите или висока температура, изјави рускиот министер за здравство Михаил Мурашко за РИА новости.
– Вакцинирани се повеќе од 300 луѓе. Околу 14 проценти имаат мали поплаки на замор или мали болки во мускулите во текот на денот, понекогаш со висока температура – изјави Мурашко.

САД – Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека одговорот на секој ирански напад ќе биде илјадапати поголем по извештаите дека Иран има намера да се одмазди за убиството на водечкиот генерал Касем Сулејмани. Во наводниот ирански заговор е планирано убиство на американскиот амбасадор во Јужна Африка пред претседателските избори во ноември.
Односите меѓу Вашингтон и Техеран се заострени уште од Иранската револуција, а тензиите ескалираа кога Трамп еднострано ги повлече САД од меѓународниот нуклеарен договор со Иран во мај 2018 година.

Данска – Градоначалникот на Копенхаген, Франк Јенсен, предложи забрана за продажба на алкохол по 20 часот во деловите на градот каде што се одвива ноќниот живот, а таа одлука не е поврзана со пандемијата на коронавирусот, туку со насилство.
Јенсен преку соопштение наведува проблеми во одредени делови на Копенхаген, особено во центарот на градот, како што се „зголемена бучава, пијани луѓе на улиците и неприфатливи епизоди на насилство“.

Сирија – Во северниот дел на Сирија се урна американски хеликоптер, јавија сириските државни медиуми. Сириската новинска агенција САНА јави дека хеликоптерот се урнал во селото Тел Хадад во провинцијата Хасакех, а американски тенкови го затвориле пристапот до зоната. Сѐ уште не е позната причината за хеликоптерската несреќа, а американската армија сѐ уште не го коментира инцидентот.