Mеридијани

37

Абу Даби – Обединетите Арапски Емирати ја лансираа од Јапонија сондата „Хоуп“, со што ја почнаа својата прва мисија кон Марс, јави АП. „Хоуп“ треба да помине 500 милиони километри пред да стигне на својата дестинација во февруари 2021, што ќе се совпадне со 50-годишнината од основањето на ОАЕ. Ова е една од трите мисии што овој месец ќе се упатат кон Марс. Свои лансирања подготвуваат и САД и Кина.

Вашингтон – Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли резултатите од најновата анкета, според која неговиот демократски противник Џозеф Бајден има подобар рејтинг во јавноста. Според најновата анкета, 49 отсто од граѓаните би гласале за Бајден, а 41 отсто за Трамп. Инаку, Бајден најголемиот дел од времето го поминува во својата резиденција во американската држава Делавер, од каде што ја води медиумската кампања пред претседателските избори закажани за ноември.

Минск – Во главниот град на Белорусија, Минск, се одржа најголемиот опозициски протест досега. Според локалните медиуми, на протестот се собрале околу 5.000 лица што ја поддржуваат кандидатката на претседателските избори Светлана Тихановска, која ќе му се спротивстави на белорускиот претседател Александар Лукашенко на гласањето на 9 август. Лукашенко, познат по задушувањето на опозицијата и независните медиуми и кој владее со земјата со 9,5 милиони жители од јули 1994 година, се очекува повторно да победи на претседателските избори.

Москва – Рускиот претседател Владимир Путин не е вакциниран против вирусот ковид-19, изјави портпаролот на Кремљ, Димитри Песков. Тој го изјавил ова одговарајќи на новинарското прашање дали Путин е вакциниран, пренесува ТАСС. Како што јавува руската агенција, Песков дополнил дека кога ќе пристигне вакцината, најпрво ќе биде достапна за оние на кои им е најпотребна, а тоа се луѓето од ризичните групи, па потоа за сите.