Mеридијани

44

Мадрид – Шпанскиот премиер Педро Санчез изјави дека во јули ќе се отворат границите за странските туристи и во исто време најави дека ќе се прогласи десетдневна жалост на национално ниво за десетици илјади луѓе што починале од коронавирусот. Досега во земјата има 28.678 лица што починале како последица на коронавирусот, а повеќе починати има само во САД, Велика Британија и во Италија.

Берлин – Над 100 повратници од ИСИС се вратиле во Германија откако дел од изминатата година поминале во борби како припадници на Исламската држава, покажуваат податоците на германското министерство за внатрешни работи, кои ги објави германската новинска агенција ДПА. Според податоците на германското МВР, се претпоставува дека во изминативе години над илјада екстремисти ја напуштиле Германија за да се борат во Сирија или во Ирак.

Ерусалим – Тензично е во Ерусалим пред почетокот на првото рочишта на кое актуелниот премиер и лидер на десницата Бенјамин Нетанјаху ќе седне на обвинителна клупа поради обвинение за корупција. Пред судот на протести се појавија негови поддржувачи, кои демонстрираа против судскиот систем. Од друга страна, група демонстранти од опозицијата протестираа во близината на домот на Нетанјху барајќи оставка од него.

Вашингтон – Висок официјален претставник на Белата куќа го спореди кинеското криење на појавата на коронавирусот со прикривањето на нуклеарната катастрофа во Чернобил во 1986 година од страна на Советскиот Сојуз. Советникот за национална безбедност Роберт О’Брајан рече дека Пекинг знаел што се случува со вирусот, кој потекнува од Вухан, но ја лажел Светската здравствена организација и спречувал надворешни експерти да имаат пристап до информации.