Mеридијани

77

Берлин – Третиот тест за инфекција со коронавирус кај германската канцеларка Ангела Меркел исто така е негативен, соопштија од нејзиниот кабинет, додавајќи дека канцеларката и наредните денови своите задолженија ќе ги извршува во домашен карантин. Меркел е во изолација повеќе од една недела, откако лекарот што ѝ дал вакцина позитивно бил тестиран на коронавирус.

Москва – Вирусите во кои спаѓа ковид-19 многу брзо мутираат, предупреди директорот на фармацевтската компанија „Новамедика“, Захар Лејкин. Тој вели оти не постои ниту еден циклус на репликација на вирусот што репродуцира ист вирус, додавајќи дека секој нов циклус е нова мутација на вирусот.

Виена – Група угледни австриски експерти предупредија дека се потребни поодлучни и поостри мерки за да се спречи здравствениот систем на земјата да доживее колапс во средината на април. Тие исто така предупредуваат дека ако не се преземат построги мерки, ќе има десетици илјади жртви од коронавирусот.

Будимпешта – Унгарскиот премиер Виктор Орбан доби право да владее со декрет откако неговата партија Фидес усвои закон во парламентот со кој на претседателот на владата му се даваат широки дополнителни овластувања во борбата против епидемијата на коронавирусот. Законот, со кој е продолжена вонредната состојба, наиде на критики од опозицијата, организациите за човекови права и од Советот на Европа, бидејќи не содржи дефинитивен рок.

Москва – Коронавирусот најверојатно ќе остане со нас засекогаш, а ситуацијата со пандемијата на ковид-19 ќе се стабилизира дури за неколку години, смета Александар Лукашев, директор на Институтот за медицинска паразитологија и тропски болести при универзитетот „Сечин“. Рускиот виролог смета дека развојот на коронавирусот по сценариото на САРС, кога болеста можеше целосно да се искорени, сега е веќе невозможен и затоа вирусот ќе остане со нас засекогаш. Лукашев исто така прогнозира и нов бран на коронавирус во Кина.