Mеридијани

66

Вашингтон – Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп завчера скрати милијарда долари помош за Авганистан и се закани дека ќе ги намали сите форми на соработка, бидејќи лидерите на ривалските групи во таа земја не успеаја да се договорат за формирање нова влада. Ова го соопшти државниот секретар Мајк Помпео, откако тој завчера го посети ненајавено Кабул за да се сретне со Ашраф Гани и со Абдула Абдула. И двајцата се прогласија за претседател на Авганистан по контроверзните избори одржани минатата година. САД и талибанците потпишаа договор за ставање крај на војната во Авганистан.

Конкари – Најмалку четири лица загинаа во судирите меѓу безбедносните сили и демонстрантите за време на одржувањето на референдумот во Гвинеја. Опозициските партии соопштија дека во судирите загинале најмалку 10 лица, додека Владата информира дека засега се убиени четворица протестанти, објави АП. Немирите во земјата се зголемија откако претседателот Алфа Конде преку референдум успеа да го смени Уставот на земјата и да си даде можност да управува со неа уште 12 години.
Хелсинки – Поранешниот фински претседател Марти Ахтисари, кој ја доби Нобеловата награда за мир во 2008 година, е позитивен на тестот за коронавирусот, соопштија од кабинетот на поранешниот државник. Иако инфекцијата била потврдена уште во понеделникот, 23 март, Ахтисари добро се чувствува, со оглед на ситуацијата, соопштиле од неговиот кабинет. Ахтисари, кој има 82 години, ја предводеше Финска од 1994 до 2000 година и беше добитник на Нобелова награда за неговиот долгогодишен придонес во мировните посредувања. Во Финска се потврдени 700 случаи на зараза и има еден смртен случај.

Будимпешта – Унгарците масовно купуваат оружје за самоодбрана, плашејќи се од можен хаос доколку се појават сериозни недостатоци во снабдувањето на основните потреби и во контролата на државниот ред и поредок, јави „Ројтерс“. Унгарија досега има регистрирано 167 случаи на заболени од коронавирусот и седум смртни случаи, но премиерот Виктор Орбан смета дека вистинскиот број, веројатно, е многу поголем. Слично како во Унгарија, продажбата на оружје и муниција, исто така, се зголеми и во САД во врска со стравувањата од социјален крах бидејќи пандемијата се влошува.