Mеридијани

51

Техеран – Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, по враќањето од Техеран изјави дека е постигнато привремено, тримесечно решение со иранските власти за следење на спроведувањето на меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма. Сепак, инспекциите од претставниците на оваа агенција ќе бидат ограничени и ќе почнат до крајот на неделава. „Пристапот ќе се намали, но ќе можеме да го одржиме потребното ниво на надзор и верификација“, рече Гроси пред новинарите во Виена, додавајќи дека ова „ќе ја спаси ситуацијата“ засега.

Тел Авив – Израел повторно отвори поголем дел од економијата и многу јавни услуги и покрај континуираното ширење на ковид-19 во таа земја. На 21 февруари им беше дозволено на израелските малопродажни продавници и трговски центри, некои одделенија од средните училишта и други јавни услуги да дозволат ограничен број луѓе. Спортските сали, хотелите и театрите беа отворени за оние со таканаречени „зелени пасоши“, покажувајќи дека добиле две дози од вакцината против коронавирусот најмалку пред една недела.
Алжир – Алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун го распушти Долниот дом на парламентот, отворајќи го патот за предвремени парламентарни избори, објави националната телевизија. Тебун потпиша указ за распуштање на парламентот, чиј мандат требаше да истече во 2022 година. Засега, датумот на изборите не е наведен, но најверојатно тие би се одржале во јуни. Синоќа била извршена и делумна реконструкција на Владата, но без значителни измени. Премиерот Абделазиз Џерад, иако е критикуван, останува премиер.

Вашингтон – Судијата Мерик Гарланд, назначен од американскиот претседател Џо Бајден за министер за правда, ветува дека ќе ги изведе пред лицето на правдата приврзаниците на поранешниот претседател Доналд Трамп, кои упаднаа на Конгресот на 6 јануари. Гарланд вели дека ќе ја „заштити независноста“ на судството и ќе го заштити Министерството за правда од „партиски влијанија“ со дефинирање јасни правила за истраги на федерално ниво и регулирање на комуникацијата со Белата куќа.