Иако терористичката и милитантна организација од Блискиот Исток, Исламска држава, неодамна го изгуби својот втор лидер, кој беше ликвидиран, таа и натаму е во фокусот на антитерористичките безбедносно-разузнавачки специјализирани органи на државите, тврдат аналитичарите. Според мислењата на експертите, ИД нема да прекине да постои туку ќе се консолидира, ќе се преобрази во друга форма, работејќи со поинакви методи, бидејќи ѝ треба време за прегрупирање, за територијална дисперзија, како и за избор на нов лидер

Исламска држава (ИД) и натаму во фокусот на светските безбедносно-разузнавачки служби

Терористичката и милитантна организација од Блискиот Исток, Исламска држава (ИД), неодамна го изгуби својот втор водач, откако Абу Ибрахим ал Хашими ал Курајши се саморазнесе заедно со своето семејство, кога специјалните сили на американската армија го опколија неговото скривалиште. Претседателот на САД, Џо Бајден, прв ја соопшти веста за медиумите, истакнувајќи дека е отстранета голема терористичка закана за светот.
Според досега достапните информации, целта на операцијата бил станбен објект на три ката на периферијата на градот Атма, кој се наоѓа во северниот дел на провинцијата Идлиб, во близината на границата со Турција. Регионот е упориште на џихадистички групи, кои се жестоки непријатели на ИД, како и на бунтовнички фракции поддржани од Турција, кои се борат против сириската влада. Разузнавачките извештаи наведуваат дека Курајши живеел со своето семејство на вториот кат во станбената зграда во Атма, од каде што раководел со ИД преку курири за да издава наредби во Сирија и на други места.

Какви се процените за понатамошното опстојување и дејствување на ИД?

Набргу по веста за загинувањето на првиот човек на ИД, во јавноста започнаа да се лиферуваат анализи, но и најразлични шпекулации околу тоа каква е иднината на озлогласената терористичка организација, која веќе подолго време претставува сериозна закана за поголем дел од светот, независно што главнината на нејзините операции е сконцентрирана на Блискиот Исток.
Според познавачите на состојбите во регионот, а особено со работата на терористичките организации, повеќе од сигурно е дека ќе биде потребно време за ИД да се соземе од овој сериозен удар, да се консолидира, па да се видат нејзините следни чекори. Она што е сосема извесно, според досегашните искуства, е дека организацијата извесен период ќе се притаи, за да се прегрупира, да се дисперзира во Азија и во Африка. По извесен период ќе дојде време да се избере нов водач, а тоа, секако, ќе биде некој од порадикалните членови на организацијата, во овој момент е несериозно да се шпекулира со имиња. За сето ова е потребно време, бидејќи сериозни чекори не се преземаат набрзина.
Со свои анализи веднаш по ликвидирањето на лидерот на ИД, Курајши, излегоа и водечките светски медиуми. Меѓу првите реагираа неколку американски експерти, кои за Би-би-си изјавија дека смртта на лидерот ќе биде удар за ИД, но дека на крајот секогаш постојат шанси терористичката група да се прегрупира. Во анализа на оваа тема, американската телевизија Си-ен-ен истакнува дека иако лидерот на ИД е ликвидиран, терористичката група и натаму преставува сериозна опасност за светот.
– Неколку дена по смртта на нивниот лидер и натаму терористичката организација преставува сериозна закана за безбедноста во Сирија и во Ирак, западна Африка, Авганистан и нејзиното присуство постојано расте – вели медиумот.
Си-ен-ен во својот прилог подвлекува дека во моментов околу 50 милиони долари сѐ уште се во куферите на ИД, а за нивната кауза сѐ уште војуваат меѓу 6.000 и 10.000 борци распоредени во земјите на Блискиот Исток.
Медиумот прогнозира дека во иднина е возможно раководството на организацијата да го преземе крилото на терористите, кое носи име ИСИС-Корасан (ИСИС-К), кое во моментов е активно во Авганистан и во Пакистан и од чии операции дури се загрозени и талибанските милитанти.
Слични заклучоци изнесува и весникот „Њујорк тајмс“, кој додава дека битката со терористите на ИД по убиството на нивниот лидер е далеку од готова.

– И по обезглавувањето на ИД, на светот му претстои бескрајна војна против тероризмот – пишува „Њујорк тајмс“, кој додава дека глобалните безбедносни центри предвидуваат дека во периодот што следува терористичката организација ќе се адаптира на новата состојба, таа ќе мутира и ќе се приспособи кон следните цели и предизвици што ќе си ги постави. Весникот ја споредува ИД со Ал каеда, но и со слични други милитантни и терористички организации од Блискиот Исток, кои по „смената“ на нивното раководство предизвикана од борбените операции на силите на Западот и натаму продолжиле да егзистираат, но во друг облик и форма и со поинаков интензитет. Притоа експертите за тероризам заклучиле дека ИД изминатиов период започнала да функционира децентрализирано и на повеќе територии, а новиот развој на состојбите нема да го попречи идното дејствување.
– Иако ИД веќе нема моќ да контролира физичка територија од државите како во минатото, истовремено не е намалена нејзината способност да се етикетира себеси како „држава“. Организацијата докажа дека сè уште може да изврши разорни, координирани воени напади во местата каде што е присутна со свои следбеници, а истовремено нејзините пропагандисти со голема пареа и натаму ги привлекуваат новите џихадисти од целиот свет да им се приклучат. Во овие состојби за очекување е дека нејзини оперативци можат да режираат и да инспирираат нови смртоносни напади во САД, Европа и на други места – резимира „Њујорк тајмс“.

Аналитичарите прават споредбена анализа на ИД со Ал каеда

Универзитетските професори и безбедносните аналитичари со кои се консултиравме прогнозираат дека со ликвидацијата на лидерот на ИД терористичката организација не е мртва. Тие анализираат дека ИД и натаму ќе продолжи да дејствува како Ал каеда, која долго време по смртта на Осама Бин Ладен и натаму е сериозен фактор меѓу терористичките организации. Аналитичарите подвлекуваат дека Македонија во овој момент треба будно да ги следи состојбите на терен поврзани со дејствувањето на терористите и на големо треба да работи на процесот на реинтеграција на поранешните членови на ИД во нашето општество.
Универзитетскиот професор Методи Хаџи Јанев вели дека актуелните состојби со елиминацијата на водачот на ИД укажуваат на тоа дека ризикот од дејствувањето на оваа опасна терористичка група и натаму е висок за светот.
– Генерално, како и во случајот со Ал каеда, која и по атентатот на Осама Бин Ладен и натаму опстојува и остана да функционира на терористичката глобална сцена, сметам дека истото ќе важи и за ИД, која досега губи веќе двајца свои водачи – вели Хаџи Јанев.
Професорот објаснува дека она што е интересно во моментов да се одговори или анализира е во каква форма ќе продолжи да дејствува терористичката организација од Блискиот Исток.
– Овие организации заради апстрактната цел што ја имаат врз која дејствуваат, како и поврзаноста со симпатизерите, се докажа дека успеваат да „преживеат“ или опстанат многу години по ликвидацијата на нивните лидери. ИД се покажа како крајно атрактивна и приспособлива и натаму сметам дека сериозноста на нивните закани е висока без разлика кој командува со оваа организација – вели професорот.
Тој нотира дека е факт дека убиството на првиот човек на оваа милитантна група е тежок удар врз нив, особено по територијалната офанзива на меѓународната коалиција врз областите што тие ги контролираа во Ирак и во Сирија, но работите се далеку од завршени.
– Ризикот и опасноста од ИД, ако внимателно следевме, можеме да ја забележиме веќе минатата недела кога милитанти на ИД организираа борбена операција и нападнаа затвор во Сирија, со што покажаа дека сѐ уште можат да дејствуваат на терен со своите борци и знаат да оркестрираат борбени операции – вели Хаџи Јанев.
Оттука, додава тој, „гардот“ на светската заедница кон приврзаниците на ИД не смее и не треба никогаш да се спушти. Од македонска перспектива на случувањата, професорот вели дека ние како држава не смееме да замижиме пред ризиците од повратниците на оваа терористичка организација и во тој правец треба да ги развиеме програмите за превенција и реинтеграција на овие лица во општеството, со што ќе се намали нивното штетно влијание врз Македонија.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски истакнува дека лидерскиот вакуум што во моментов е создаден во ИД ја прави терористичката организација уште поопасна од претходно, но и за разлика од другите верува дека таа бргу ќе се соземе од ударот.

– Можеме да бидеме сигурни дека многу скоро двајцата сега ликвидирани водачи на ИД – Абу Ибрахим ал Хашими ал Курајши и Абу Бакир ал Багдади ќе бидат заменети со ново лице што ќе ја предводи терористичката организација. Она што може да се очекува е дека милитантите нема да прекинат да постојат, туку ќе се преобразат во друга форма. Тие и натаму се активни на теренот на Блискиот Исток, но нивните ќелии ги има насекаде во светот и во Африка, Азија, па дури и на Балканот и во Европа – вели Стефаноски.
Тој верува дека за Македонија пресудно во овој момент е внимателно да ги следи ситуациите поврзано со балканското крило на организацијата и тесно да ги мониторира нивните дејности.
– Дополнително, во нашата земја од пред некој месец се вратија и дел од поранешни членови на оваа организација со нивните семејства. Па најголем предизвик за нас во периодот што следува ќе треба да биде репатрацијата на децата на овие семејства. Ако се покажеме дека сме успешни во овој процес и кај идните генерации сме ги избришале вредностите на терористите, тогаш ние како земја во голем дел сме си ја завршиле работата во делот на намалувањето на ризикот од ИД, која сега е обезглавена – резимира Стефаноски.

[email protected]