Светската здравствена организација (СЗО) предупреди на можно ширење на мајмунските сипаници на фестивалите и другите поголеми собири планирани ова лето низ Европа.

– Потенцијалот за натамошно ширење на вирусот во Европа и на други места ова лето е голем – изјави Ханс Анри Клуге, регионалниот директор на СЗО за Европа.

Сепак, Клуге смета дека фестивалите и другите настани планирани за следните неколку месеци би можеле да бидат можност за „покревање на свеста и зајакнување на заштитата на поединците и заедницата“ кај младите луѓе кои се сексуално активни и глобално мобилни.

Клуге тврди дека досегашните истраги укажуваат на тоа дека епидемијата во Европа трае од средината на април. Гледано нумерички и географски, тоа е најголемото ширење на вирусот надвор од областите на Западна и Централна Африка каде што мајмунските сипаници се ендемски.

Клуге верува дека брзото ширење на мајмунските сипаници во Европа последните неколку месеци е помогнато со укинувањето на ограничувањата поврзани со пандемијата на коронавирусот. Иако поголемиот број претходни инфекции се поврзуваат со сексуална активност, Клуге нагласува дека секој може да биде заразен со вирусот.

– Бидејќи вирусот не се шири на ист начин како ковид-19, немаше потреба од воведување мерки за заштита на јавното здравје како што беше случај за време на пандемијата на коронавирусот – рече Клуге.