Фото: Твитер/МНР на Русија

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека се спушта нова „железна завеса“ меѓу Русија и Западот по офанзивата на Москва во Украина.

– Што се однесува до Железната завеса, во суштина, таа веќе се спушта, изјави Лавров пред новинарите Минск, главниот град на Белорусија. Процесот е започнат – додаде тој.

Лавров, исто така, оцени дека односите меѓу Русија и Европската Унија повеќе не постојат.

– (Европската Унија) ги уништи односите што беа градени со децении меѓу нас и ЕУ – рече шефот на руската дипломатија, додавајќи дека Москва е сè уште отворена за преговори.

– Можам само да кажам дека отсега нема да им веруваме ниту на Американците ниту на ЕУ. Ќе направиме се што е потребно за да не зависиме од нив во критичните сектори – рече Лавров.