Фото: Кремљ

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека нема да има прекин на огнот во Украина за време на преговорите со Киев, бидејќи украинската страна постојано го прекршувала договорот.

Песков на новинарите им соопшти дека украинските сили користат каков било прекин на огнот за да се прегрупираат со цел „да продолжат со нападите врз руските војници“.

Тој кажа и дека Кремљ смета дека напредокот во руско-украинските преговори е недоволен за да може да се зборува за контакти меѓу двајцата претседатели Владимир Путин и Володимир Зеленски, но не сакаше да зборува за деталите од преговорите.

Советникот на украинскиот претседател, Михаил Подољак, претходно денеска изјави дека преговорите би можеле да траат неколку недели. Според него, основно барање на Киев е прекин на огнот, повлекување на армијата и политичко решавање на спорните територии.