Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека ќе бидат потребни неколку години пред да може Западот да престане да користи руска нафта и гас. Русија во првите сто дена од војната во Украина од извозот на фосилни горива заработи 93 милијарди евра. Поголем дел од нив е испратен во Европската Унија, а просечната извозна цена била за 60 отсто повисока од лани. Според извештајот на независниот Центар за истражување на енергијата и на чистиот воздух (ЦРЕА), во Финска извозот на руска нафта во ЕУ изнесувал околу 57 милијарди евра.
Порастот на цените на енергијата може да доведе до продажба на руската нафта и гас на 285 милијарди долари до крајот на годината или за 20 отсто повеќе во однос на 2021 година.

„Финска нема да влезе во НАТО без Шведска“, изјави финскиот претседател Саули Нинисто, за време на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во неделата во Хелсинки. Шведска и Финска минатиот месец поднесоа барање да се приклучат на западната одбранбена алијанса како одговор на конфликтот во Украина. Двете земји се соочија со противење од Турција, која ги обвини дека ги поддржуваат и засолнуваат курдските милитанти и другите групи што ги смета за терористи, пишуваат медиумите. Генералниот секретар Столтенберг изјавил дека НАТО нема рок до кој би требало да ги прифати нордиските земји во своето членство.

По месец и половина од реизборот за претседател на Франција, Емануел Макрон е соочен неговото владеење да биде отежнато по неделните избори, на кои лево-зелената алијанса Нупес, на Жан-Лук Меланшон, е во тесна трка со центристичката коалиција „Заедно“.
Според првичните резултати, владејачката коалиција на Макрон освоила 25,2 отсто од гласовите, а исто толку добила и левичарско-зелената коалиција Нупес. Повеќе од 6.000 кандидати, на возраст од 18 до 92 години, се натпреваруваат за 577 места во Националното собрание во првиот круг од изборите. Оние што ќе добијат најмногу гласови ќе поминат во одлучувачкиот втор круг на 19 јуни.
Партијата на крајната десничарка Марин Ле Пен освоила 19,2 отсто од гласовите. Ле Пен изрази оптимизам дека ќе може да има своја пратеничка група во парламентот, за што се потребни 15 мандати