Францускиот претседател Емануел Макрон вчера изјави дека Киев во одреден момент ќе мора да седне на преговарачка маса со Москва за да се обиде да стави крај на војната меѓу двете земји.
– Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите претставници ќе мора да преговараат со Русија – нагласи Макрон за време на посетата на Романија и на Молдавија. Францускиот претседател денеска, најверојатно, ќе замине за Киев, каде што се очекуваат германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги.

Бројот на новозаразени со коронавирусот во Австрија повторно значително расте.Во изминатите 24 часа се регистрирани 6.869 новозаразени, како и девет смртни случаи од ковид-19.Тоа е двојно повеќе од пред една недела и за 2.600 повеќе од вчера.
Експертите предупредија дека ќе има ново зголемување на бројот на новозаразени по привременото укинување на сите епидемиолошки мерки. Причината за значителниот раст на новоинфицираните е ширењето на подваријантите на омикрон БА. 4 и БА. 5.

Американските власти соопштија дека ќе го задржат дипломатскиот притисок врз Северна Кореја сè додека режимот во Пјонгјанг не го промени својот курс, а таквата порака од Вашингтон беше испратена во услови на зголемени тестирања на севернокорејски балистички ракети и стравувања од потенцијален нуклеарен тест, јавува „Анадолија“.
Шефот на американската дипломатија, Ентони Блинкен, ја предупреди Северна Кореја да не ја врши седмата нуклеарна проба во нејзината историја, велејќи дека САД сè уште се во состојба на готовност и дека својот одговор го подготвиле во координација со своите сојузници и партнери, пред сè оние во Јужна Кореја и во Јапонија.