Фото: Инстаграм/theroyalfamily

Британската кралица Елизабета Втора во саботата, по повод 70-годишнината од нејзиното устоличување, рече дека би сакала војвотката од Корнвол, Камила Паркер, да ја добие титулата кралица кога принцот Чарлс ќе стане крал.
Во пораката по повод 70-годишнината од нејзиното владеење, кралицата вели дека нејзина „искрена желба“ е Камила да ја добие таа титула, пренесе Би-Би-Си.
Пораката на кралицата, по повод годишнината од нејзиното доаѓање на тронот во 1952 година, директно се однесува на нерешеното прашање за идната титула на војвотката од Корнвол, пишува Би-Би-Си.
-И кога мојот син Чарлс ќе стане крал, знам дека ќе му ја дадете и нему и на неговата сопруга Камила истата поддршка што ми ја дадовте мене. Моја искрена желба е кога ќе дојде тоа време, Камила да биде позната како сопруга кралица – напиша кралицата Елизабета.
Вообичаената процедура е војвотката Камила автоматски да стане кралица доколку Чарлс стане крал, но поради јавното мислење се сугерираше дека Камила би можела да ја добие титулата „сопруга принцеза“, што беше официјална позиција кога принцот Чарлс се ожени со Камила во 2005 година.
Кралицата Елизабета денеска ќе стане првиот британски монарх кој ќе ја прослави платинестата годишнина од нејзиното доаѓање на тронот.
За денеска не е закажана официјална церемонија на годишнината, бидејќи 95-годишната кралица ја поминува годишнината од смртта на нејзиниот сопруг во приватност.
Но, за почетокот на јуни се закажани четири дена свечености, вклучувајќи воена парада, концерт, улични прослави, масовен пикник и „натпревар во платинест пудинг“.
За одбележување на годишнината, пренесува МИА, се изработени и специјални, пригодни монети.

Принцот Чарлс се заблагодари на кралицата за нејзината вчерашна изјава дека се надева дека Камила, сопругата на престолонаследникот Чарлс, ќе стане кралица кога тој ќе стане крал.

-Свесни сме за честа што ни ја укажа мајка ми со нејзината желба. Мојата драга сопруга ми беше постојана поддршка цело време кога работевме заедно за да му служиме и да го поддржуваме нејзиното височество и луѓето во нашите заедници – рече принцот Чарлс.

Тој порача дека годината во која се одбележува овој единствен јубилеј носи можност сите да се соберат заедно „во чест на службата на кралицата, по чиј пример ќе продолжиме да се водиме и во годините што доаѓаат“.