Документот наречен „Стратегиски компас“, всушност, е првата заедничка стратегија на Алијансата во областа на безбедноста и одбраната, па токму затоа и го привлекува вниманието на пошироката јавност. Со „Стратегискиот компас“, земјите-членки се согласуваат за заедничка стратегиска визија за улогата на Унијата во безбедноста и одбраната и се обврзуваат на „серија конкретни постапки“ за постигнување на тие цели во следните од пет до десет години

Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на Европската Унија во понеделникот дадоа зелено светло за „Стратегискиот компас“, а документот треба да добие формална потврда на лидерскиот состанок на Унијата што започна вчера во Брисел, а завршува денеска. „Стратегискиот компас“, всушност, е првата заедничка стратегија на Алијансата во областа на безбедноста и одбраната, па токму затоа ѝ го привлекува вниманието на пошироката јавност. Првата реакција по одобрувањето на документот од страна на министрите дојде од страна на министерката за надворешни работи на Шведска, Ен Линде, според која, дошле времиња на предизвици. „Мораме да продолжиме да ја зајакнуваме нашата безбедносна и одбранбена соработка, како во ЕУ така и преку трансатлантската врска“, напиша таа.

Заедничко стратегиско реструктурирање

Со документот, земјите-членки се согласуваат за заедничка стратегиска визија за улогата на Унијата во безбедноста и одбраната и се обврзуваат на серија конкретни постапки за постигнување на тие цели во следните од пет до десет години. Како што се наведува, имајќи ја предвид таа цел, „ЕУ прво треба да го процени своето специфично стратегиско опкружување и приоритети“.
„Стратегискиот компас“ вклучува планови за развој на „капацитет за брзо распоредување на ЕУ“ што би можел да му овозможи на блокот „брзо распоредување до 5.000 војници“ за различни видови кризи. Борел притоа додава дека земјите-членки имаат и ќе имаат свои армии, но рече дека земјите треба да соработуваат поблиску. Според него, НАТО сè уште е „камен-темелник на територијалната одбрана на Европа“.
Како што се истакнува во Брисел, целта на овој документ е да даде патоказ за земјите на ЕУ во справување со кризи и војни во нејзиното соседството или во светот и да ѝ овозможи брзо да реагира кога е потребно, да се зголемат капацитетите на ЕУ, како и инвестициите во воениот сектор и да се развијат партнерства со сојузниците на Европа во светот.
Борел нагласува дека со стратегискиот компас, ЕУ ќе може да реагира поцврсто и поодлучно во услови на кризи и да ја обезбеди сигурноста на европските граѓани. Тоа ќе има цена: ќе треба земјите да инвестираат во воени капацитети и да ги зголемат трошоците за одбраната, околу 1,5 отсто. Истовремено, НАТО бара зголемување на воениот буџет на два отсто од бруто-домашниот производ. Шефот на ЕУ-дипломатијата инсистираше дека овој документ во ниеден случај не значи конкурентност со НАТО, туку дополнување.

Созревање на една дамнешна идеја

Документот вклучува различни конкретни иницијативи, вклучувајќи и формирање „сила за брзо распоредување“, која може да има до 5.000 луѓе и ќе се состои од копнени, воздушни и поморски единици и ќе спроведува редовни вежби. Со овој документ, за првпат, 27-те земји-членки на ЕУ ги запишаа своите безбедносни интереси во заеднички концепт и дефинираа какви мерки сакаат да преземат во следните три години за да ја направат Европа посилна и понезависна. „Европа мора да научи да зборува со јазикот на моќта“, вели борбено Жозеп Борел. Терминот „стратегиски компас“ притоа треба да се подразбере буквално, бидејќи со документот од 40 страници се фрла поглед од 360 степени на целата Земјина топка.
Како главни закани за Европа се идентификувани пред сè Русија, со нејзината тековна операција во Украина, конфликтите во Грузија и во Молдавија и релациите со Белорусија. Потоа на скалата со закани следуваат Кина, нестабилната ситуација на Западен Балкан, исламистичкиот тероризам во зоната Сахел во Африка, регионалните конфликти на Блискиот Исток и поглед на Арктикот, Индопацификот и Латинска Америка. Тука се додаваат и опасностите од сајбер-просторот и вселената.
Аналитичарите потсетуваат дека се работи за стара идеја – пред три години, кога идејата за компас ја туркаа француските и германските дипломати во ЕУ, во Белата куќа владееше изолационистичкиот претседател Доналд Трамп, а францускиот претседател Емануел Макрон го прогласуваше НАТО за „мозочно мртов“. Сега ситуацијата во Европа е радикално променета. Емануел Макрон сега вели дека „Русија ни даде повик за будење. Отсекогаш сум велел дека ни се потребни стратегиски изјави и нив сега ги добиваме“. Макрон вели дека НАТО добил „електрошок“ откако Русија ја нападна Украина.

Кога се работи за оперативни воени сили за брза реакција, Германија историски секогаш прва

Германија се согласи на почетокот, за период од 12 месеци, да го обезбеди јадрото на силите за реакција. Војниците од неколку земји на ЕУ треба да „ротираат“, односно да не бидат стационирани како единица на една локација. „Да бидам искрен, тоа не ми изгледа доволно. Германија се јавува и вели ’Здраво, јас ова ќе го правам една година.‘ Тоа не е она што е потребно“, критикува европратеникот и експерт за надворешна политика Михаел Галер. Според него, потребна е постојана формација од 5.000 војници што вежбаат заедно, кои се трајно стационирани и можат да бидат заедно распоредени.
ЕУ веќе две децении се обидува да формира заеднички сили за интервенција и да ги здружи своите стратегиски интереси. Овој пат треба да оди подобро, ветува Жозеп Борел. Ако не сакаат да учествуваат сите 27 земји, тогаш воена мисија во име на ЕУ би можеле да создадат и група земји. Договорите на ЕУ даваат можност за тоа, се вели во „Стратегискиот компас“. „ЕУ мора подобро да ги заштити своите граѓани и вредности. За да го постигнеме ова, мора да дејствуваме побрзо и поодлучно во управувањето со кризи“, вели Жозеп Борел. Шефовите на држави или влади на ЕУ сега треба да го одобрат овој курс.

Ќе покаже ли компасот и кон Балканот?

Западен Балкан доби место во „Стратегискиот компас“ на Европската Унија. Медиумите веќе објавија дека во документот на ЕУ се наведува дека процесот на преговори за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград „треба да се подобри“, а дека разговорите меѓу Скопје и Софија за отстранување на блокадата на Бугарија за почнување на пристапните преговори на Македонија и на Албанија со Унијата се во добра насока за решавање на проблемот. Што се однесува до БиХ, се наведува дека е од посебен интерес да се поддржат суверенитетот, единството и територијалниот интегритет на БиХ, „заснован на принципите на еднаквост и недискриминација на сите граѓани и конститутивни народи“, како што е пропишано со Уставот, како и реформскиот процес на неговиот европски пат.
„Безбедноста и стабилноста на целиот Западен Балкан сè уште се нецелосни, како поради зголеменото странско мешање, вклучувајќи и кампањи за манипулација со информации така и поради потенцијалното прелевање од моментно влошената европска безбедносна ситуација“, се додава во документот.

Подготвил: Марјан Велевски