Германија

Како што пренесуваат германските медиуми, во повеќе градови се спроведени рации, при што се уапсени три лица во Ајзенах и едно лице во Ротенбург на Фулда. Според „Дојче веле“, на четворицата уапсени им се префрла членство во десноекстремистичко криминално здружение. Освен тоа, тие се осомничени и за нанесување опасни телесни повреди, напади врз полицајци и нарушување на редот и мирот. Како што се дознава, истрагата опфаќа уште 46 осомничени лица. Во акцијата што започна вчераутро, во 11 германски покраини е извршен претрес во 61 објект. Фокусот е ставен врз покраината Тирингија, односно градот Ајзенах, каде што уапсениот Леон Р. водел десноекстремна група за боречки спортови. Во рациите се вклучени над 800 службеници, а во истрагата учествуваше и воената тајна служба.

Рациите се спроведени по сознанија на Германската служба за заштита на Уставот, која од септември 2019 година води истраги против членови на „Дивизија на атомско оружје Германија“ (АВДД), десноекстремна терористичка организација со корени во САД, како и против членови на терористичкото здружение „Специјална команда 1418“ (СКД 1418).
Уапсениот Леон Р. е осомничен основач и лидер на криминалното здружение „Нокаут 51“. Неговите контакти со другите уапсени и осомничени довеле до истраги поради сомневање за прекршување на забраната на здружението „Комбат 18 Германија“. Оваа организација беше забранета и распуштена во октомври 2020 година, поради нејзината насоченост против уставниот поредок.
Леон Р. и тројцата други уапсени „под плаштот на заеднички телесни тренинзи“ привлекувале „млади луѓе со националистичка идеологија“, ги индоктринирале со десноекстремни ставови и ги обучувале за улични борби, се вели од Обвинителството. Тренинзите се одржувале редовно во простории на покраинскиот разгранок на десноекстремната партија НПД во Ајзенах. Групата „Нокаут 51“, според истрагата, била насочена, пред сѐ, против лица од левиот политички спектар. На уапсените им се префрлаат повеќе кривични дела, во кои има повредени лица, од кои дел тешко.

Подготвил: Марјан Велевски