Пораките на поранешниот американски државен секретар и натаму имаат силен одек

Поранешниот американски државен секретар и долгогодишен дипломат на САД, Хенри Кисинџер, и покрај своите поодминати години (роден е во 1923 година), и понатаму е актуелен во своите искажувања, па неговите изјави гласно одекнуваат во светската јавност. Така беше неодамна кога со огромно внимание беше проследено неговото обраќање на форумот во Давос, а така е и деновиве, со неговата изјава за британскиот весник „Сандеј тајмс“.
– НАТО беше одлично за соочување со агресивната Русија, кога таа беше главна закана за светскиот мир. Сега НАТО израсна во институција што ја одржува американската и европската соработка на единствен начин. Но важно е да се препознае дека големите проблеми ќе се случат во односите на Блискиот Исток и Азија кон Европа и Америка. А НАТО е институција, чии членки немаат нужно компатибилни ставови. Членките на НАТО сега се здружиле околу Украина, бидејќи тоа ги потсетува на старите закани. Но прашање е како да се заврши оваа војна. На крајот мора да се најде место за Украина и место за Русија, доколку не сакаме Русија да стане претстража за Кина во Европа – изјави Кисинџер за „Сандеј тајмс“.

Тој има посебно видување и на односите меѓу САД и Кина. Кисинџер не се сомнева дека тие се противници, но не верува дека светската доминација ќе биде кинескиот концепт, иако може да се случи Пекинг да биде многу моќен, а тоа не е интерес на Вашингтон.
– Ние имаме навидум неспоиви задачи. Потребни ни се одбранбени установи способни да се носат со модерните предизвици. Второ, потребен е концепт на соработка со други општества, затоа што не може да се изгради никаков концепт за нивно уништување. Значи, потребен е дијалог, што го нема, а други земји ќе сакаат да го искористат тоа ривалство. Но треба да се знае дека влегуваме во многу тежок период – порачува Кисинџер.