Фото: Принт-скрин

Според извор од Тајван

Кинеската војска започна воени вежби што вклучуваат борбено пукање во водите и воздушниот простор околу островот Тајван, информираше денеска кинеската државна телевизија. Во извештајот на телевизијата се наведува дека предвидено е вежбите да завршат во недела попладне.

Истовремено, тајванското Министерство за одбрана денеска соопшти дека тајванската војска ќе продолжи со зголемување на нивото на подготвеност и оти соодветно ќе реагира на „непријателска ситуација“.

Медиуми пишуваат дека Кина неделава спроведува неколкудневни целни воени вежби во зоните околу Тајван, како одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси.

Претходно денеска беше изразен сомнеж дека дронови летале над тајванските острови и оти била хакирана интернет-страницата на тајванското Министерство за одбрана, ден по посетата на Пелоси.

Кина, која го смета Тајван за своја територија, денеска наведе дека нејзините несогласувања со островот се внатрешна работа.

– Нашето казнување на застапниците за независност на Тајван од надворешни сили е разумно, законско – објави кинеската канцеларија за тајвански прашања.

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја нарече посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД „маничен, неодговорен и крајно ирационален“ потег, објави државната телевизија „Си-си-ти-ви“ (ЦЦТВ).

Ванг на состанокот на министрите за надворешни работи на АСЕАН во Пном Пен, Камбоџа, рече дека Кина направила најголеми дипломатски напори за да ја спречи кризата, но никогаш нема да дозволи да бидат повредени нејзините суштински интереси.

– Сегашните и идните мерки на Кина се неопходни и навремени одбранбени контра мерки, внимателно разгледани и оценети, насочени кон зачувување на националниот суверенитет и безбедност, во согласност со меѓународното и домашното право – рече Ванг.

Бродови на кинеската морнарица и воени авиони на кратко утрово ја преминаа централната линија на Тајванскиот Теснец, изјави тајвански извор запознаен со ова прашање.

– Околу 10 бродови на кинеската морнарица ја преминаа централната линија и останаа во областа од средата навечер до четвртокот, а повеќе кинески воени авиони на кратко ја преминаа централната линија во четвртокот наутро – рече официјалниот претставник.

– Тајван распореди ракетни системи за следење на активностите на кинеското воздухопловство во близина на централната линија, а бродовите на тајванската морнарица останаа блиску до централната линија за да ја следат кинеската поморска активност – рече претставникот.