Фото: Принт-скрин

За Сеул и неговите сојузници во Вашингтон, постои одредена фраза што го дефинира пристапот кон Северна Кореја што гласи „во секое време, на секое место“. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден веќе изрази подготвеност да почне преговори со Северна Кореја „во секое време, на секое место“, без предуслови. Сега и администрацијата на претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-јеол, го потврдува таквиот став, но се појави проблем бидејќи Северна Кореја не ја крева слушалката, пишува „Форин полиси“.

– Пјонгјанг ја прекина сета комуникација со Вашингтон и со Сеул додека ги засилува тестирањата на балистичките ракети и се очекува да спроведе и тестирање на нуклеарно оружје во наредните месеци. Ваквата ситуација го засилува притисокот врз Јужна Кореја и САД да најдат начин да се справат со растечката закана од нуклеарното вооружување на Северна Кореја – наведува американскиот магазин.

– Правиме сѐ што можеме, но Северна Кореја треба да одговори. Дваесет години подоцна, ништо суштински не е сменето, освен што нивниот арсенал станува сѐ поголем и посилен – вели претставник на јужнокорејските власти во неофицијален разговор со „Форин полиси“.

Сеул и Вашингтон сметаат дека Пјонгјанг веројатно нема да биде подготвен на разговори се додека не го изврши долгоочекуваното тестирање на нуклеарно оружје. Тие претпоставуваат дека властите во Северна Кореја сметаат оти на тој начин би ја подобриле сопствената позиција пред разговорите. Домашните проблеми на Северна Кореја исто така се посочуваат како можен фактор за неподготвеноста за разговори, додека властите се справуваат со недостигот на храна и избивањето на заразата на ковид-19.

Северна Кореја годинава веќе спроведе 31 тестирање на балистички ракети, надминувајќи го претходниот рекорд од 25 во 2019 година. А евентуалното тестирање на нуклеарно оружје би било седмо за азиската држава.