Фото: Фејсбук/Виктор Орбан заедно со Доналд Трамп

Водечките луѓе на американската десница вчера се собраа во Далас за почетокот на годинашната Конференција за конзервативна политичка акција (ЦПАЦ), на која поранешниот американски претседател Доналд Трамп беше предвиден за главен говорник. Токму Трамп го угости унгарскиот премиер Виктор Орбан на неговиот голф терен во Њу Џерси. Орбан за време на неговата посета на САД нема да се среетне со актуелниот американски претседател Џо Бајден, но се обрати на ЦПАЦ. Светските медиуми се прашуваат на што се должи популарноста на унгарскиот премиер меѓу американската десница.

– Орбан пружа модел кој покажува што може да постигне десничарскиот популизам. Тој ги пропагира конзервативните вредности, а ја претвори Унгарија во „нелиберална демократија“, како што им вети на гласачите уште во 2014 година. Укинуваше студиски програми, подигна гранична ограда за да ги запре бегалците од Сирија и внесе христијански вредности во унгарскиот Устав. Манипулираше со изборните закони главно во негова полза, а ги контролира и унгарските институции, откако ги наполни судовите и медиумите со негови сојузници. Тоа ја зацврсти неговата моќ и го елиминираше присуството на ефективна опозиција. Многу од овие нешта и се допаѓаат на американската десница – наведува британски „Економист“.

Фото: Фејсбук/Виктор Орбан

Згора, партијата на Орбан, Фидеш, на изборите одржани годинава триумфираше против левичарска алијанса на социјалистите, либералите и националистите. Републиканската партија во САД се надева дека може да постигне сличен резултат на изборите во ноември, преку стратегијата за предизвикување поделби меѓу демократите врз основа на конфликтите за осетливи општествени прашања.

Унгарскиот премиер беше бурно поздравен од присутните додека изнесуваше остри ставови за прашањата поврзани со абортусот, миграцијата и ЛГБТ-права.

– Победата никогаш нема да биде постигната преку патот на помал отпор. Мора да ги вратиме институциите во Вашингтон и во Брисел – порача Орбан, чиј говор на ЦПАЦ насловен „Како се бориме“ сигурно пружа одредена инспирација за американската десница.