Италија не е во енергетска криза, за разлика од ЕУ. Италија е надвор од кризната зона, благодарение на државните стратегиски резерви на гас од 4,5 милијарди кубни метри, кои можат да се ослободат во итни случаи, по одлука на Владата, изнесе Марко Алвера, извршниот директор на СНАМ (италијански оператор за гасна инфраструктура). Второ, за разлика од Италија, ЕУ е во енергетска неволја. Според Алвера, носењето одлуки базирани на профит ја остави ЕУ неподготвена оваа година и е грешка што не смее да си дозволи да ја повтори. И трето, Алвера во јавноста изнесе став со кој ја отфрла тезата дека „проблемите со снабдувањето на блокот се должат на Москва“…

Интересни тези за Италија, ЕУ и за Русија во обраќањето на Марко Алвера, извршниот директор на СНАМ

Извршниот директор на италијанскиот оператор за гасна инфраструктура СНАМ, Марко Алвера, во своето обраќање од седиштето во Милано, образложи за јавноста дека Италија во моментов е далеку од енергетска криза каква што има во ЕУ, благодарение на нејзините задолжителни стратегиски резерви на гас од 4,5 милијарди кубни метри, кои можат да се ослободат во итни случаи, по одлука на Владата. Ваквата политика, заедно со постојаниот проток на азербејџански гас преку Трансјадранскиот гасовод, обезбеден преку долгорочни договори, ѝ овозможи на Италија да плаќа помалку за увоз на енергија, па дури и да им извезува вишок гас на соседните држави, кои се бореа со недостиг во 2021 година.
Понатаму, тој истакна дека претставниците на ЕУ се обидуваат да обезбедат гас оваа зима во последен момент од земјите производители, како САД и Катар, а на Азија ѝ нудат дополнителни пари за да добијат некои од веќе набавените резерви на ЛНГ, бидејќи резервите на гас низ блокот достигнаа историски најниски нивоа.

Замерки упатени кон ЕУ за носење одлуки исклучиво базирани на профит

Извршниот директор на италијанскиот оператор за гасна инфраструктура СНАМ, Марко Алвера, изнесе став дека „носењето одлуки базирани на профит ја остави ЕУ неподготвена оваа година и е грешка што не смее да си дозволи да ја повтори“!
Ова е особено важно кога во Унијата нема доволно домашно производство на гас, а Азија ги зголемува побарувањата. Шефот на италијански СНАМ вели дека има околу 15 отсто пад на производството во ЕУ во изминатите три години, бидејќи британското производство на гас од Северно Море се намалува, а се затвора гасното поле во Гронинген, Холандија. Истовремено, Кина во една година ќе префрли 15 милиони домови од јаглен на гас, што значи дека на секои две или три години практично се додава пазар со големина на Франција. Тоа значи дека повеќе купувачи имаат побарувања за помало количество гас.
Алвера предупреди дека ова ќе продолжи и по 2040 година, бидејќи светскиот притисок за намалување на употребата на јаглен резултира со зголемување на побарувачката на гас.

Еден сосема друг став од експерти од ЕУ за Русија во врска со енергетската криза

Извршниот директор на италијанскиот оператор за гасна инфраструктура СНАМ, Марко Алвера, во своето обраќање во јавноста, изнесе став дека „Европската Унија (ЕУ) треба да престане да ја обвинува Русија за својата енергетска криза и да почне да купува евтин гас секое лето, за да избегне да се натпреварува со Азија за скапиот течен природен гас (ЛНГ) секоја зима“!
– Доколку Европа беше во можност да изгради складишта со големина од 40 милијарди кубни метри што би можело да се наполнат налето, во суштина немаше да има потреба од ЛНГ во зима. Тоа ја зголемува безбедноста, може да го ублажи можното поскапување и да ѝ овозможи на Европа заедничко купување гас без мешање на пазарот – изјави Марко Алвера, извршниот директор на СНАМ.
Иницијативата би можела да започне за неколку месеци, при што ЕУ како целина или неколку земји заеднички ќе побараат од операторите на системите за пренос на гас, како СНАМ, да обезбедат постојно складирање или да изградат нови капацитети, а потоа да отворат тендери кога цената на гасот е најниска налето.
– Голем дел складишта веќе постојат, бидејќи практично тоа се резервоари што би можеле да се наполнат, но трговците одбиваат да го сторат тоа. Тие се водат од тоа дека нема потреба да купат гас по цена од 70 евра и да го чуваат, кога можеби идното лето ќе се појави нов сој на ковид-19 и повторно цената ќе биде 20 евра – додава Алвера.
Тој отфрли секаква идеја дека проблемите со снабдувањето на блокот се должат на тоа што Москва постепено ја намалува испораката на гас, нешто што многу често се слуша во Брисел. „Газпром“ вели дека ги исполнува своите долгорочни договори, но не испратил многу дополнителен гас во ЕУ. Тој смета дека извештаите за намалена испорака во јануари биле резултат на тоа што клиентите на „Газпром“ не нарачале повеќе гас како одговор на скокот на цените во декември, кога европскиот репер центар ТТФ накратко забележа рекордно високо ниво од 188 евра за мегават-час.
Покрај сегашната криза, Алвера предвидува дека цените ќе останат стабилни благодарение на зимата. Според него, ако не се забележат ниски температури во март, тогаш ќе се издржи до летото.