Фото: Илустрација/Принт-скрин

Ираелската армија по полноќ нападна цели во Појасот Газа како одговор на ракета истрелана неколку часа претходно од таа палестинска територија со која управува исламскиот екстремистички Хамас.

Тоа беше првата ракета истрелана по речиси четири месеци затишје, едно од најдолгите на границата со Газа, јавуваат израелските медиуми.

Според военото соопштение, нападнати се неколку цели во Појасот Газа, вклучително и местото каде Хамас произведува оружје.

Медиумите поврзани со Хамас објавија дека целите биле западно од Кан Јунис на југот на Појасот Газа.

Очевидци и безбедносните сили во Газа изјавија дека нема повредени во тие воздушни напади.

Израелската армија соопшти дека го смета Хамас одговорен за она што се случува во Појасот Газа.

Портпаролот на Хамас, Хазем Касам оцени дека „ционистичкото бомбардирање на некои празни места“ е обид да се спречи одбраната на Ерусалим, а противвоздушната одбрана се спротивставила на израелските борбени авиони и дополни дека по првпат биле употребени проектили земја-воздух.

Ракетата истрелана на југот на Израел беше пресретната од одбранбениот систем „Железна купола“ во понеделникот вечерта, а нема извештаи за повредени.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет потоа се состана со министерот за одбрана Бени Ганц и началникот на Генералштабот Авив Кохави за да разговараат за можен одговор.

Нападот се случи во време на ескалација на тензиите меѓу двете нации по насилството во Стариот град и серијата смртоносни палестински терористички напади во Израел во кои загинаа 14 лица.

Ниту една организација веднаш не ја презеде одговорноста за ракетирањето, а израелскиот јавен сервис Кан, повикувајќи се на палестински извори, објави дека се верува дека зад нападот стои Исламски џихад.

По ракетирањето, преку египетски посредници, Хамас им кажа на израелските власти дека не е заинтересиран за понатамошна ескалација, ниту е одговорен за нападот, според извештаите на јавниот сервис Кан.