Израелски борбени авиони утрово истрелаа ракети врз најголемиот пристанишен град во Сирија, предизвикувајќи нови експлозии и пожари. Ова е втор напад за еден месец врз клучни постројки, објавија сириските државни медиуми, пренесува „Ројтерс“.

Се претпоставува дека проектилите паднале врз магацините за оружје и муниција.

– Причинета е значителна материјална штета во пристаништето Латакија, а проектилите пристигнале од правец на Медитеранот – изјавил неименуван воен извор за сириската државна агенција „Сана“.

Засега нема информации за жртви, а на социјалните мрежи е објавено видео од пожарот во пристаништето.

Сириската државна телевизија објави снимка на која се гледа пламен и чад во областа каде што се наоѓаат контејнерите. Локалните медиуми јавуваат дека е оштетен предниот дел на болница, некои станбени згради и барови.

Сирискиот министер за одбрана го обвини Израел за агресија, а „Ројтерс“ пренесува дека неодамна се интензивирани нападите врз, како што велат Израелците, „ирански цели“ во Сирија, односно врз групи како Хезболах, кој го поддржува Техеран.