Фото: Принт-скрин

Сиднеј речиси цела недела мачно се справува со големо невреме проследено со обилни врнежи дожд и силни ветришта кои предизвикаа поплави, при што евакуирани се десетици илјади луѓе, а во некои предградија со децении не се забележани такви врнежи. Вака писателот Иван Трпоски, кој живее во Сиднеј, за „Нова Македонија“ ја опишува ситуацијата во најбројниот австралиски град.

– Еве скоро цела недела како Сиднеј и околните градови на Нов Јужен Велс мачно се справуваат со огромните дождови стихии проследени со силни ветришта. Во некои населби наврнал дожд колку што немало за 44 години. А во предградието Виндзор за 24 часа биле измерени 1.769 милиметри врнежи на дожд, при што мештаните кажуваат дека таков пороен дожд не бил паднат од 1859 година. Од дождливото невреме илјадници граѓани беа евакуирани од спасувачки екипи кои будно ги следат речните разлевања и нудат помош – истакнува Трпоски.

Иван Трпоски/Фото: Фесјбук – приватна архива

Тој посочува дека Сиднеј и јужните крајбрежја претрпеле двојна поплавна катастрофа. Некои од областите зафатени од невремето сѐ уште не ги санирале штетите настанати од поплавите од февруари и март годинава.

– Сиднеј и неговите предградија Хантер Вали, Камден и јужните крајбрежја за четири месеци претрпеа двојна поплавна катастрофа. Многу реки се излиени од своите корита и со себе носат ѓубре, дрвја, автомобили… Има и попатни земјини одрони кои дополнително ја загрозуваат транспортната состојба. А метеоролозите предвидуваат дека ваквото луничаво време ќе потрае уште неколку дена – додава Трпоски.

Многумина во поплавените подрачја претрпеле штети кои властите допрва треба да ги утврдат, а се проценува дека трошоците ќе надминат и милијарда долари, според Трпоски.

– Метеж настана и во градскиот сообраќај. Во време кога учениците отидоа на двонеделен одмор, времето како да беше определено да им ги уништи нивните излети и патувања со родителите во блиските туристички центри. Многу фармери претрпеа огромни штети во инфраструктурата и животинскиот свет. Утринава, пред новинарите одговараа за состојбата и премиерите на сојузната држава Нов Јужен Велс и на Австралија, Доминик Перотет и Ентони Албанезе, кои ветија по 1.000 долари на секој полнолетен граѓанин и по 400 долари за децата во поплавените подрачја за купување на прехранбени намирници, а службени лица допрва ќе треба да ја проценат штетата на поединци, фармери, клубови, продавници… за која се мисли  дека ќе премине и милијарда долари. Алармирани се сите служби за обезбедување на најпотребна помош за загрозените од оваа водена катастрофа – објаснува Трпоски.

Фото: Принт-скрин

Австралиските власти прогласија вонредна состојба поради силното навреме и поплавите што ја зафатија југоисточната сојузна држава Нов Јужен Велс. Се спроведува евакуација на околу 50 илјади жители, додека стотици побарале медицинска помош. Стихијата остави 20 илјади станбени објекти без напојување со електрична енергија, додека цели станбени области се неколку метри под вода.

Советот за климатски промени на Австралија смета дека токму промените во климата се фактор што придонесува за интензивните врнежи и екстремно високите температури во Австралија забележани последните години. Во средината на јануари големи делови на Австралија беа зафатени од топлотен бран со температури од над 50 степени Целзиусови измерени во западните делови на земјата.

Фото: Принт-скрин