Шинѕо Абе/Фото: Фејсбук-профил на јапонскиот премиер

Поранешниот јапонски премиер Шинѕо Абе (67) почина откако беше застрелан за време на предизборен митинг во Нара, објавуваат светските медиуми.

Станува збор за првиот атентат врз актуелен или поранешен јапонски премиер уште од 30-те години на минатиот век. Актуелниот јапонски премиер Фумио Кишида пред смртта на Абе го осуди нападот, а јапонската јавност е во шок бидејќи во државата на изгрејсонцето политичкото насилство претставува реткост, а оружјето е контролирано со строги закони.

Универзитетскиот професор по политички науки Аиро Хино, изјави дека ваквиот оружен напад е незабележан во Јапонија.

– Немаше ништо вакво досега – кратко порача Хино.

Водечките јапонски политичари се придружувани од вооружени агенти, но честопати се доближуваат до народот, особено за време на политичките кампањи, кога држат говори и се ракуваат со поддржувачите, наведува „Ројтерс“.

Во 2007 година, градоначалникот на Нагасаки беше застрелан и убиен од гангстер на јакуза. Лидерот на јапонската Социјалистичка партија беше убиен со самурајски меч за време на говор во 1960 година, од страна на екстремен десничар. Забележани се и неколку напади на истакнати политичари, но тие поминале без повреди.

Осомничениот за атентатот на Шинѕо Абе ѝ кажал на полицијата дека е незадоволен од поранешниот јапонски премиер и оти „нишанел за да убие“, пренесува „Њузвик“.

Станува збор за 41-годишниот Тацуја Јамагами од Нара, кој е уапсен на местото на атентатот. Локалните медиуми пренесоа дека осомничениот три години работел во јапонската морнарица, односно отприлика до 2005 година, повикувајќи се на јапонското Министерство за одбрана.

Според неофицијални информации, нападот е извршен со рачно изработен пиштол. Врз Абе беа истрелани два куршума, а вториот куршум го погодил во грб. Тој бил префрлен во болница, но не покажувал знаци на живот.

Абе беше јапонски премиер со најдолг стаж. Тој ја извршуваше функцијата во 2006 година, а потоа од декември 2012 до септември 2020 година, кога се повлече поради здравствени проблеми. Абе беше наследен од неговиот партиски сојузник Јошиде Суга, а подоцна од Кишида.