Се очекува 153 милиони луѓе во светот да заболат од деменција до 2050 година, според истражувањето на Институтот за здравствена метрика и евалуација на Универзитетот Вашингтон во Сиетл, САД, пренесуваат светските медиуми.

Научничката Ема Николс од Универзитетот во Вашингтон во Сиетл, спровела анкети во рамките на јавното здравје на испитаниците во 195 земји, во рамки на студијата.

Бројот на луѓе кои страдаат од Алцхајмерова болест и од когнитивни болести кои ја одземаат меморијата, е поврзан со националните трендови и фактори на ризик, вклучително дебелината, дијабетесот, ниското образование и пушењето, покажуваат студиите на „Глобален товар на болестите“.

Се предвидува дека населението од Северна Африка, Блискиот Исток и Сахара ќе доживее најголем пораст на луѓе со деменција.

Спротивно на тоа, студијата дава прогнози за помал раст на бројот на пациенти во побогатите земји од азиско-пацифичкиот регион и Западна Европа.

Поради сето горенаведено, официјалните лица на некои земји се обидуваат да смислат насочена политика за да се справат со ризикот од деменција, која е седма на листата на водечки причини за смрт во светот.

Производителите на лекови, исто така, се обидуваат да осмислат комбинација од терапии за борба против Алцхајмеровата болест.

– Дури и скромниот напредок во спречувањето или одложувањето на деменцијата одлично би се исплатил – вели авторката на студијата Николс.

Таа посочува дека за добри резултати потребно е да се намали изложеноста на водечките фактори на ризик во секоја земја. Иако се барани од многу компании, лековите за Алцхајмерова болест досега покажаа ограничена ефикасност во борбата против деменцијата.

Постојат и спротивставени мислења за заклучоците наведени во студијата.

– Студијата дава песимистички проекции кои не ги земаат предвид препорачаните промени во животниот стил – велат лекарите од Универзитетската болница Бордо Мајкл Шварцингер и Керол Дуфоил, кои не биле вклучени во анализата.