Фото: МИА

Се очекува в четврток во Собранието да се одржи пленарната седница за интерпелацијата на претседателот на Парламентот Талат Џафери поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Џафери на денешното пленарно заседание потврдие дека оваа пленарна седница ќе се одржи в четврток. Парламентот неделава има интензивна агенда во рамки на која ќе се одржат неколку седници, почнувајќи од денеска. Утре се одржува средба на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ, в среда поставување пратенички прашања, а во петок се очекува да продолжи и седницата на Комисијата за финансирање и буџет на која на дневен ред е ребалансот на Буџетот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата интерпелацијата за Џафери ја поднесоа на 30 мај, по што претседателот на Собранието запазувајќи го рокот во Деловникот одговори на неа и ја закажа седницата на која ќе се расправа. Опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и пред поднесувањето на интерпелацијата рекоа дека не очекуваат таа да биде изгласана и Џафери да замине од оваа фукција, но оти сепак сметаат дека тој треба да одговара пред граѓаните за својата работа.

Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот. Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои спроведуваат, како што ја нарекоа активна блокада во Собранието, го обвинуваат Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Според нив, во неколку наврати Џафери еклатантно ги кршеше одредбите од Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и законите со кои е уредена работата на Собранието.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека се почесто има скандали во неговото работење и оти последен во низата бил скандалот кога пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ биле заклучени во салата во која се одржуваше пленарната седница.

Џафери, како што посочуваат од опозицијата, постапил несовесно, со тоа што извршил најтешка повреда на „Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието на Република Македонија“.кога со непристоен речник, употребувајќи најразлични пцости, вршел притисок врз службита во Собранието. Дополнително, во неговиот мандат, сѐ со цел исполнување на коалиционите договори Џафери постапувал како пратеник на власта, а не како претседател на Собранието.

Дополнително, во изминатиов период, сведоци сме на повеќе прекршувања на Уставот и Деловникот на Собранието на Република Македонија од страна на претседателот. Според ВМРО-ДПМНЕ Џафери покажал дека нема капацитет за правилно водење на Собранието, ниту пак покажува волја за соработка со пратениците од опозицијата, преку почитување на Уставот и Деловникот.

Претседателот на Собранието Талат Џафери преку соопштение одговори на поднесената интерпелација која, како што наведе, „содржи низа невистини и претставува груб обид за манипулација“.

-Тврдењата изнесени во интерпелацијата јасно укажуваат на намерата на подносителите без каква било основа да ги девалвираат моите постигнувања, посебниот придонес што го дадов во изминатите пет години во подигнувањето на нивото на дијалог и демократска култура во законодавниот дом, преземајќи чекори кон јакнење на независноста на Собранието и на неговата контролна функција во однос на извршната власт – нешто што беше речиси незамисливо во периодот кога дел од сегашните подносители на интерпелацијата беа мнозинство во парламентот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, секако, се свесни дека, за дневно – политички цели, поттикнати од нивното партиско седиште, пласираат груби невистини со наводите во интерпелацијата дека ги прекршувам Уставот, законите и собранискиот Деловник, стои, меѓудругото, во одговорот на Џафери.