Во 2021 година биле убиени повеќе од 140 хуманитарни работници, 203 лица биле ранети, а 117 биле грабнати, објави Уредот за координација на хуманитарните работи (ОСХА). Бројот на хуманитарните работници загинати во судирите или во разни напади е најголем во 2013 година, објави организацијата на ОН, која на глобално ниво ги координира итните реакции во хуманитарните кризи. Повеќето хуманитарци настрадале во оружени престрелки меѓу завојуваните страни. Втора причина се воздушните напади или гранатирања. Најмногу настрадани лица биле во хуманитарна мисија во Сирија.
Годинава, според податоците на ОН, биле нападнати 168 хуманитарни работници, во време кога нуделе хуманитарни услуги, а 14 случаи завршиле со смрт.
– Хуманитарните потреби се најголеми откако постои организирана хуманитарна мисија, а хуманитарните работници дејствуваат во сѐ поопасни опкружувања – изјави Мартин Грифитс, координатор за помош и заменик на главниот секретар за хуманитарни прашања во ОН.
Најопасни земји за престој и дејствување на хуманитарните работници се Јужен Судан, Авганистан и Сирија. Во кризните региони во светот живеат околу 300 милиони луѓе. За овие намени годинава за хуманитарните мисии во Сирија, Демократската Република Конго, Украина и во други земји се потребни 50 милијарди долари. Во оваа сума се вклучени финансирањето на УНИЦЕФ, Светската програма за храна (ВФП), Светската здравствена организација и Агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР. Досега се обезбедени само 15 милијарди долари од наведената сума.