Војната во Украина предизвика реактуализација на идејата за ново „движење на неврзаните“

Подготвил: Марјан Велевски

Ако постои еден принцип што го ценат сите земји во развој во светот, тоа е светоста на границите и државниот суверенитет! Како бомба одекна мислата искажана од поранешен чилеански дипломат, кој сега предава на Универзитетот во Бостон, Хорхе Хајне, дека „вистинското расцепување околу Украина не е помеѓу демократијата и автократијата, туку меѓу глобалниот север и глобалниот југ“. Тоа е запрепастувачка мисла и многу сериозен укор за кампањата на американскиот претседател Џо Бајден, кој притиска да го преуреди светскиот поредок.

Фениксот на Движењето на неврзаните

Дипломати и научници од Латинска Америка, Африка и од Југоисточна Азија, во своите анализи, истражувања и публикации поврзани со „новото движење за неврзаност“ исклучително јасно ставија до знаење дека не се согласуваат со концептот на Западот за нивниот начин за решавањето на воениот судир во Украина.

Водечките нации на земјите во развој во светот, не само што не го сакаат начинот дека „треба и се принудени да избираат страни во нова студена војна“, туку уште поважно така – земјите во развој и не чувствуваат потреба дека треба (мора) да направат избор меѓу Западот и Истокот. Исклучително се револтирани од глобализацијата и тенденциите за светската унилатералност, но, исто така, не се среќни и да влезат во шемата на двојна блоковска поделеност. Во тој контекст, „новото движење за неврзаност“ сѐ повеќе добива на значење и на тежина.

Движењето на неврзаните првпат се собра во Бандунг, Индонезија, во 1955 година, во многу поидеолошки момент од овој. За водечките фигури како што се Џавахарлал Нехру од Индија и Кваме Нкрумах од Гана, неусогласеноста значеше не само избегнување подреденост на Вашингтон или на Москва, туку и следење на еден поспецифичен социјално и општествено поправеден „социјалистички пат меѓу гребените на капитализмот и комунизмот“. Таа идеја исто така ги задоволи аспирациите на поранешните колонијални држави целосно да се ослободат од западните сили.

Индија останува извор на теоријата на неврзаност

Во 1970-тите и во 1980-тите, барањето за „нов меѓународен економски поредок“ и „нов меѓународен информативен поредок“ од страна на неврзаните, односно барање од оние што тогаш беа познати како Трет Свет, токму во ерата на владеењето на Британката Маргарет Тачер и Американецот Роналд Реган, наиде на жесток отпор. Единственоста во спроведувањето на стратегијата од страна на Западот, со логистиката на многу, многу пари, направија социјалистичкиот пат набрзо да биде сфатен како „ќор-сокак дури и од голем дел од светот во развој“.

Но во сегашни услови, во новиот растечки глобален судир на кој му претходеа глобални здравствени, енергетски и политички кризи, се покажува дека старата идеологија на „неврзаните земји во развој“ не изумрела целосно. На пример, за издвојување е дека и пред една деценија, група водечки политички интелектуалци во Индија издадоа бела книга со наслов „Неповрзаност 2.0“, која прогнозира дека „Индија останува извор на теоријата на неврзаност“! И токму сега, по една деценија од споменатата бела книга, се чувствува дека успехот на Индија како просперитетна, мултиетничка демократија ќе ги „дефинира идните можности за човечкиот род“.

Индија останува извор на теоријата на неврзаност – но без грандиозните аспирации, кои паднаа заедно со нејзината мултиетничка демократија. Во 2020 година, индискиот министер за надворешни работи С. Џаишанкар го објави „Патот на Индија“, кој со тап реализам тврдеше дека во „светот на сите против сите“, Индија мора да ги следи сопствените интереси преку „користење“ на конкуренцијата меѓу ривалските големи сили за да извлече максимална предност за себе.

Како духот на новото неврзување е поттикнат од Кина

Духот на новото неврзување е прагматичен. Иако вообичаено е придружен со „горчливи поплаки за војните наметнати и водени од големите“,,,потоа поплаки за „намалена развојна помош, еднострани трговски договори“ итн., како и поплаки за други минати и сегашни „гревови на Западот“. И војната во Украина е една од причините за подемот на идејата за „новото движење за неврзаност“. А како во новите трендови тоа е поврзано со Кина? Имено, тоа многу пластично го опишува Адекеје Адебајо, поранешен службеник на мировните сили на ОН и сега научник на Универзитетот во Преторија. Тој посочи дека Кина стана најголемиот трговски партнер на Африка пред една деценија, а јазот помеѓу улогата што ја игра Пекинг и онаа на Западот само се зголеми со време. Тој забележа дека иако застанувањето на земјите во развој на страната на Западот за време на Студената војна даваше големи предности во трговијата и помошта, придобивките сега се на другата страна. А како ја посочува разликата?
– „Кога функционерите на Бајден доаѓаат во Латинска Америка“, пораката е „чувајте се од Кина.“ А кога кинеските претставници одат во Латинска Америка, тие зборуваат за мостови, тунели и железници. Можете да замислите дека едниот пристап драстично се разликува од другиот. Кина потроши десетици милијарди долари инфраструктурни фондови за светот во развој преку својата иницијатива „Појас и пат“. Азиската банка за инвестиции во инфраструктурата, со седиште во Пекинг, сега има 105 членки и капитал од 100 милијарди долари. Западот со задоцнување си игра: минатата недела Бајден објави глобален инфраструктурен фонд од 600 милијарди долари со западна поддршка. Кина долго време е пријател, иако не е членка на Движењето на неврзаните; сега активно ја поттикнува ренесансата на движењето. Тековното издание на „ТИ обсервер“, публикацијата на англиски јазик на институтот „Таихе“, кинески аналитички центар е посветена на „Неповрзаност 2.0“. Статиите вклучуваат „Третиот пат на Аргентина и руската инвазија на Украина“ и неколку написи од кинески автори.
Многу од државите во развој што се плашат од Кина како геополитички актер и продолжуваат да бараат безбедност од западните сојузи, сепак сега ја сметаат Кина како незаменлив економски партнер.